Култура
Ќе се реставрира Куршумли ан, назначен е архитект што ќе врши надзор

Споменикот на културата во Старата скопска чаршија, Куршумли ан, ќе биде реставриран. Ова беше посочено денеска за време на посетата на објектот што ја остварија министерот за култура, Хусни Исмаили, амбасадорката на Република Турција во нашата земја, Тулин Еркал Кара, и директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Серхат Кула.
За време на посетата беше посочено дека Управата за заштита на културното наследство веќе има издадено одобрение за конзервација и реставрација на Куршумли ан за што веќе е назначен и овластен архитект што ќе врши надзор на изведувањето на работите на непосредна заштита – конзервација и реставрација на објектот.
Истовремено, министерот Исмаили посочи дека целокупниот процес на реставрација на Куршумли ан ќе биде следен од страна на надлежните институции и тоа со особено внимание како врвен приоритет сè со цел во согласност со Законот за заштита на културното наследство и законската регулатива да се овозможи непречена реализација на проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Танцови перформанси на Викенд на гордоста Скопје 2025

На 12 јуни во 20:30 часот во МКЦ, Фестивалот за квир-феминистичка култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста Скопје 2025, продолжува со својата перформативна и танцова програма, со танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ од српскиот кореограф Игор Коруга.
„Делото критички го преиспитува влијанието на капитализмот, патријархатот и другите системи на репресија врз личните и телесните сфери – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц. Инспириран од квир марксизмот, Коруга ја претвора сцената во простор за флуидно истражување на идентитетот, ранливоста и отпорот како средства за политичка визија. Перформансот се движи низ историски и идеолошки контексти – од социјализмот, преку западниот либерализам во време на Студената војна, до постсоцијалистичка Источна Европа – за да ги анализира начините на кои квир културата и уметничките практики се спротивставувале на догматизмот и нормирањето“, соопштија организаторите.
Авторската екипа зад делото вклучува драматургот Димитрије Коканов, композиторот Владимир Пејковиќ, дизајнерот на светло Борис Буторац и изведувачите Маријана Гавричиук, Тамара Пјевиќ, Георге Александру Плешка, Хунор Џозеф Варга и Јакша Филиповац. Делото е во копродукција на Национален центар за танц Букурешт и Фондацијата Brain Store Project Софија преку Јужноевропски танцови станици (СЕЕДС), АПАП – Феминистички иднини, Грантот за мобилност Culture moves Europe и Институтот Гете; Програмата Креативна Европа на ЕУ; Министерството за култура на Република Србија; Резиденцијалната програма ТанзФабрик Берлин, пр. Резиденцијалната програма Тенерифе ЛАВ.
На 13 јуни во 20:30 часот во МКЦ ќе биде изведено и кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце, уметнички истражувач и изведувач со интернационално искуство.
„Делото го насочува фокусот кон задниот дел на телото како наративна и естетска основа, преиспитувајќи го неговото отфрлање и невидливост во рамките на западноевропската танцова традиција. Преку деколонијален и антикaпиталистички пристап, перформансот ја разглобува естетиката на заднината и нејзиниот потенцијал за отворање на нови, емотивни и политички читливи перспективи. „Атрас“ истовремено го преиспитува односот меѓу доминантната фронтална културна визија и маргиналните општествени позиции, поставувајќи прашања за срамот, вината и цензурата. Делото се надоврзува на истражувањата од проектите „The Power of S“ и „Echoes of S“, каде што Георгиев се занимава со концепти како „анално тело и политика““, пишува во најавата.
Тимот зад делото вклучува: музика и звук – Цветан Момчилов, светло – Пит Ајрес, графички дизајн – Асирија Алварез, адаптација на слика – Фернандо Монтиел, а продукцијата е на Беатрис Бељо. Проектот е поддржан од бројни уметнички и институционални партнери меѓу кои ЛАВ (Лабораторија за живи уметности), ICC (Имагинативен кореографски центар), Колективот Гараж, Шведскиот комитет за уметнички грантови, Владата на Канарските Острови, Културата ја движи Европа и Министерството за култура на Бугарија.
Последно, на 14 јуни, со почеток во 20:00 часот во КСП Јадро, ќе се одржи перформансот „Растварања / Dissolutions“ на интердисциплинарната уметница Маја Зечо.
Делото се изведува во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско и КСП Јадро. Dissolutions (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба, користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност. Перформансот ја става публиката во директна средба со симболика поврзана со историјата на женска репресија на Балканот.
Изведбата е дел од отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо под наслов „Незгодни иднини / Discomfited Futures“, во кураторство на Џон Блеквуд. Изложбата ќе трае до 26 јуни и ќе биде придружена со каталог.
Култура
Три претстави на петтиот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ – „Парови, „Бура“ и „Ла Макбет“

Три претстави се на програмата на петтиот ден на Меѓународниот театарски фестивал во Прилеп – „Парови“ на Драмски, „Бура“ на Прилепскот театар и независната „Ла Макбет“ на „Хибрид продукција“
На петтиот фестивалски ден следуваат три претстави. Во 19 часот во големата сала на „Марко Цепенков“ ќе игра „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, а во режија на Ивана Ангеловска. Играат: Трајанка Илиева-Велиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер.
Во 22.30 часот ќе следува изведбата на „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“ во режија на Џон Блондел. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.
Од независната продукција во 20 часот во кафе-бар „Тротоар“, на програмата е „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, а во изведба на актерот Хакан Даци.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.
Култура
Музеј во движење: Не може да се замисли животот во Прилеп без театарот – Платнар, Џумерко, Ристоски раскажани низ чаршијата

Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа на отворањето на Музејот во движење, посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.
На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.
-Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, не може да се замисли животот во Прилеп без театарот, навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци – рече Стојаноска.
Програмата „Прилеп во фокус“ ви овозможува да зачекорите во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници, и со тоа секој посетител да го искуси сценско-изведувачки и аудиовизуелениот начин на значењето на Прилеп во однос на македонскиот театар. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.
На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката.
Се одржа и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Вечерва во 19 часот од официјалната програма ќе биде изведена „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар од Штип. Улогите ги толкуваат: Ефтим Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини и др.
Денеска во 11 часот ќе биде промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“, а на пладне ќе следува тркалезна маса за претставата „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, од официјалната програма.
Вечерва во 19 часот, на големата сцена на Центарот за култура ќе игра ансамблот на Албанскиот театар со претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Улогите ги толкуваат: Адем Карага, Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми. Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.