Култура
„Џокер“ на програмата на летното кино „Мирно лето“
На 4 и 5 септември (петок и сабота), со почеток во 22:00 часот (влезница 150 денари), филмофилите ќе имаат уникатна можност да ги проследат проекциите на американскиот филм „Џокер“, еден од најзборуваните филмови минатата година во светот.
Режија на филмот е на Тод Филипс, а сценарио на Тод Филипс и Скот Силвер.
Улоги: Жоакин Феникс, Роберт Де Ниро, Зази Биц.
Во 1981 година Артур Флек работи како кловн и има стремеж да стане стендап-комичар. Флек живее со својата мајка Пени во градот Готам, полн со криминал и невработеност, обесправено и осиромашено население.
Артур страда од ментално нарушување што го предизвикува да се смее во несоодветно време. Откако ќе биде нападнат од улични деликвенти, неговиот колега Рандал му дава пиштол за заштита. Артур ја запознава својата сосетка, самохраната мајка Софи Думонд, и ја поканува на неговата претстојна рунда на стендап во ноќен клуб. А откако ќе биде понижен и нападнат од тројца пијани менаџери во метрото, ја започнува неговата војна, сам против сите, станувајќи анархичен херој на обесправените…
„Џокер“ е психолошки трилер, а филмот е базиран на ликовите од стриповите на DC Comics.
Филипс го замислил ликот на Џокер во 2016 година и го напишал сценариото со во текот на 2017 година. Тој и Силвер биле инспирирани од филмовите на Мартин Скорсезе (особено ТАКСИСТ и КРАЛОТ НА КОМЕДИЈАТА), кој првично бил заинтересиран за проектот како продуцент. Стрипот „Бетмен: Убиената шега“ (1988) бил основа за филмот, но Филипс и Силвер не барале конкретни стрип-ликови за инспирација.
„Џокер“ добил бројни признанија, меѓу другите и 11 номинации на 92. доделување на наградите Оскар (освои награди за најдобра машка улога – Жоакин Феникс – и за најдобра оригинална музика – Хилдур Гуднадотир). Феникс и Гуднадотир исто така победија на церемониите на кои се доделувале наградите за Златен глобус и БАФТА.
Жоакин Феникс како Артур Флек или Џокер е стендап-комичар исмеван од страна на општеството поради неговото ментално нарушување, па решава на сила да ги решава социјалните проблеми и во семејството (ментално болната мајка) и во општеството. За потребите на улогата Феникс успеал да ослабе цели 24 килограми и креирал посебен стил на смеење кое многу пластично ја доловува неговата болка.
Роберт де Ниро ја игра улогата на Мареј Френклин, водител на стендап-шоу кој го понижува Џокер, па главниот јунак му возвраќа со буквален цитат од улогата на Де Ниро од филмот ТАКСИСТ…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со почесна награда за визуелна имагинација во Кина
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ доби меѓународно признание во Кина, каде што беше одликуван со Почесна награда за Визуелна Имагинација во главната натпреварувачка селекција на Blue Planet Sci-Fi Film Festival.
Наградата ја доделува Организацискиот комитет на фестивалот и претставува признание за исклучителниот визуелен концепт и иновативниот пристап во градењето на изгледот на филмот. Blue Planet Sci-Fi Film Festival е меѓународен фестивал специјализиран за научна фантастика, со фокус на нови визуелни јазици, авторски израз и технолошки иновации во филмот и анимацијата.
Посебен придонес во визуелниот идентитет на филмот има арт директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од најпрепознатливите македонски илустратори. Тхе Мичо е познат по својот уникатен стил кој често комбинира хумор и карикатурална динамика на ликовите, а неговите дела се изложувани и присутни во бројни меѓународни проекти и фестивали.
Режисерот и сценарист на филмот, Гоце Цветановски, изјави дека визуелниот пристап бил клучен уште од најраната фаза на развојот на проектот:
„Во овој филм свесно експериментиравме со различни анимациски техники. Нашата цел беше да ги приближиме 2D и 3D технологијата и да создадеме свет во кој коегзистираат повеќе визуелни естетики. Користењето на различни стилови беше планирано уште при самото пишување на сценариото, како дел од карактеризацијата на световите и ликовите.“
Ова е седма меѓународна награда за „Јон Вардар против Галаксијата“, кој досега беше прикажан на преку 40 фестивали.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

