Култура
„Свадба“ и петдневен бакнеж на АКТО фестивал
Со започнувањето на петдневниот бакнеж на уметниците Ива Ковач и Елвис Крстуловиќ е најавено отварањето на петтото по ред издание на „Акто“ – Фестивалот за современа уметност кој ќе се одржи од 11 до 15. август во Битола.
Со започнувањето на петдневниот бакнеж на уметниците Ива Ковач и Елвис Крстуловиќ е најавено отварањето на петтото по ред издание на „Акто“ – Фестивалот за современа уметност кој ќе се одржи од 11 до 15. август во Битола. Оваа година на АКТО ќе има 50-тина учесници од Македонија, Словенија, Хрватска, Бугарија и Србија. За тема на фестивалот е избрана темата „Свадби“ која во суштина е “неуметничка” тема, и идејата е да се испровоцира односот кон социјалниот контекст преку уметничко делување на тема која што е знакова и популарна. „Конкретно го испитуваме контекстот на свадбите и ритуалот на кич кој го претставуваат со себе,“ соопштуваат од АКТО тимот. Како и досега и оваа година уметничкиот и продукциски тим на АКТО не го испушта моментот на изненадувањето што ќе се презентира преку двете константи форми со кои се занимава, а тоа се темата и просторот и најавуваат особен акцент во програмата на Фестивалот да биде ставен на визуелните уметности и музиката. Дел од уметниците кои публиката ќе има шанса да ги види на АКТО се словенечкиот визуелен уметник Игор Штормаер кој ќе понуди мултимедијално уживање со делото “Свадба на роботи”(Ballettikka Intternettikka). Тука е и македонскиот визуелен уметник Никола Узуновски со своето дело “Моето сонце” со кое се претстави и на венециското биенале во 2009 година, потоа домашните уметници Игор Тошевски, Формацијата Ф.Р.И.К. и Велимир Жерновски, ОПА, Филип Јовановски, групата словенечки визуелни уметници кои ќе имаат своја изложба на фестивалот насловена “YES”, хрватската група гости предводени од визуелните уметници Ана Хорват, Ана Хусман Ива Ковач, Ива Мештроф и Елвис Крстуловиќ, како и десетмината гости од Бугарија. Разновидна и квалитетна музичка програма ќе ја сочинуваат Штутгарт онлајн (Studgart online) од Србија, Стринг Форсес (String Forces) од Македонија, домашните ди џеи Мaчки, Базел, ди-џеј сет од Мирко Попов и Синиша Ефтимов, Васо & Гејм овер, Андреја Анчевски, Плагијат, Урбаниум и други. Гостите на АКТО 5 ќе имаат шанса да го видат и Истражувачко студио за храна, наука и уметност која ова издание ќе се занимава со Свадбено готвење во живо. Во соработка со Македонски Железници, во петок, 13 – ти август организаторите ќе приспособат еден вагон од возот кој се движи на релација Скопје – Битола – Скопје за гостите кои сакаат да дојдат на фестивалот. Во вагонот ќе има добра забава со ди џејот K.Petrovsky, додека превозот е бесплатен. Фестивалот АКТО е дел од Битолското културно лето Битфест 2010 година, во организација на општината Битола. Општината го подржува Фестивалот технички, финансиски и логистички./крај/со/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

