Култура
Општествената вредност на културното наследство во Европа
Наследството на Република Македонија е дел од европското и светското културно наследство и претставува вредност со општо цивилизациско значење, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска
Наследството на Република Македонија е дел од европското и светското културно наследство и претставува вредност со општо цивилизациско значење, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешното обраќање на конференцијата „Општествената вредност на културното наследство во Европа“.
Целта на конференцијата на министрите за култура на земјите-членки на Советот на Европа, која денеска и утре се одржува во Скопје, а која е дел од македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа како што рече министерката Милевска е да се придонесе кон засилување на интегрираниот пристап во третманот на културното наследство меѓу земјите-членки на Советот на Европа.
„Во насока на остварување на нашата голема стратешка цел, интеграцијата на РМ во Европската Унија, во овој клучен момент кога Република Македонија е претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, ја реализираме и оваа конференција, „ Општествената вредност на културното наследство во Европа“, со која испраќаме суштинска порака за значењето на културното наследство како мост за поврзување на традицијата со денешницата, врска меѓу времето и просторот, меѓу народите и генерациите“, посочи Милевска.
Таа изрази уверување дека ќе даде силен импулс кон продлабочување на пошироката и регионалната соработка меѓу државите кои имаат водечка улога во промоцијата на нови и одржливи методи за зачувување и користење на културното наследство.
И вицепремиерот Васко Наумовски кој се обрати пред претставниците од земјите-членки на Европа рече дека конференцијата е од големо значење имајќи предвид дека вредностите на Европа доаѓаат токму од разновидноста на културното наследство кое секоја држава членка го носи со себе како национално обележје.
„Македонското претседателство има за цел за јакнење на фундаментално принципи и вредности на оваа организација во годината кога се слави 60 – годишнината од донесувањето на европската Конвенција за човекови права, 25- годишнината на европската Конвенција за заштита на архитектонското наследство но и планираното стапување на сила на Рамковната конвенција за вредноста на културното наследство за општеството“, рече Наумовски.
Два важни документа во рамки на конференцијата треба да бидат усвоени попладнево – „Агенда Скопје“ и ФАРО – Рамковна конвенција за општествена вредност на културното наследство во Европа. Република Македонија ќе биде десетта потписничка на Конвенцијата ФАРО, со која ќе се прифатат препораките на Советот на Европа за примена на современ и одржлив третман на културното наследство.
Со усвојувањето „Скопје Агенда“, Македонија ќе стане лидер во регионот во мониторингот и евалуацијата на проектите на СЕ во областа на заштитата на културното наследство во период од три години, почнувајќи од јануари 2011.
Роберт Палмер, Директор за култура и културно и природно наследство, Совет на Европа кој ја промовираше теоретската експликација на иницијативата “Скопје Агенда“ рече дека таа е дизајнирана да ги опфати европските предизвици и да се осврне на нив, при тоа промовирајќи поотворен дијалог меѓу земјите од Европа.
Утре во рамките на конференцијата е предвидено да биде промовиран Советот на министри за култура на црноморскиот регион, по примерот на постојниот Совет на министри за култура на ЈИЕ.
За време на министерската конференција планирано е и да бидат потпишани и билатерални програми за соработка во културата со Бугарија и Словенија.
На конференцијата учествуваат 48 делегати од 23 земји-членки на СЕ, министрите за култура на Бугарија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Азербејџан, замениците-министри на Ерменија, Украина, Молдавија и Грузија и државните секретари за култура на Романија и Словенија, како и стручни претставници од меѓународни организации посветени на заштитата на културното наследство, а Грција испрати претставник на експертско ниво. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

