Контакт

Култура

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Објавено пред

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли ан, платото на Музејот на Македонија пред Куршумли ан, МКЦ и Europe House Скопје. Четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“ ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.

dobivaj vesti na viber

Со мотото „Лупење идеи“, фокус на 13. „Македокс“ е развојот на идеи, а прес-конференцијата за програмата на фестивалот се одржа денес (10 август) на платото пред МКЦ во Скопје.

„По две бурни години за целиот свет, време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овој пат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде што на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што по две години, ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости“, истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „Македокс“.

Годинава на фестивалот ќе пристигнат 70-ина гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со „МакеКоПроДокс форумот“, кои делумно ќе се одржат онлајн.

Филмската програма на 13. „Македокс“ содржи 71 документарно остварување во пет натпреварувачки категории – главна програма, нови автори, кратки документарни филмови и студентска програма, а сите филмови се дел од компетицијата за наградата „Етички идеи“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми, се „Земјата во фокус“ – годинава тоа е Чешка, и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август во Куршумли ан, со документарниот филм „Сè што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водна палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

Главната програма содржи 9 филма, во селекцијата нови автори има 11 филма, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филма. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филма. Земја во фокус е Чешката Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филма.

„Среќни сме што оваа година на адресата на ‘Македокс’ пристигнаа филмови од сите пет континенти на планетата Земја. Гледавме филмови со месеци и ја лупевме програмата за да ја добиеме нејзината најавтентична форма и содржина, која ќе ја одрази креативната сила на ‘Македокс’ како фестивал на креативен документарен филм. Мислам дека успеавме во тоа, а се надевам и публиката ќе биде задоволна од нашиот избор.
Фестивалот ќе го отвориме со филмот ‘Сè што дише’ на режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе го прикажеме белгискиот краток документарен филм ‘Иднината е водна палата’ на режисерката Хуанита Онзага. Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата ‘Земја во фокус’, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот ‘Рене – затвореник на слободата’ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастер-клас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело. Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека ‘Македокс’ со својата програма ќе помогне, а притоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли!“, потенцира Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „Македокс“.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастер-клас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „Македокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер.

Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на Балканот.

Централно место во индустрискиот сегмент зазема четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“, што ќе се одржи од 22 до 24 август.

„За вториот дел од форумот, годинава имаме одлична и разновидна селекција од 11 проекти, кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Турција…). Тие ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат еден-на-еден состаноци со одлучувачите. ‘МакеКоПроДокс форумот’ е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на РСМ, ‘Медија деск МК’, Грчкиот филмски центар, Град Скопје, ‘Вардар филм’ и МКЦ“, објасни Сара Ферро, координаторка на „МакеКоПроДокс форумот“.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли ан. На 21 август ќе биде отворена фотоизложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

По завршувањето на фестивалот, „Македокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски Македокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа Doc Around Europe.

Тринаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, програмата „Медија“ на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, чешката амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, „Сеавус Скопје“ – Групација Арикома, Грчкиот културен центар, „Медија деск МК“, Музејот на РСМ, Археолошкиот музеј, Музејот на современата уметност, такси „Глобал“.

Билетите може да се набават онлајн преку продажната мрежа на „мк.тикетс“ (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музејот на РСМ може да се набави за цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворањето на 18 август и церемонијата на доделувањето награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

Култура

Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин

Објавено пред

Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.

dobivaj vesti na viber

„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.

Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.

На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.

Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.

Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.

Прикажи повеќе...

Култура

„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената

Објавено пред

Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.

dobivaj vesti na viber

На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.

Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…

Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.

Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.

Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.

Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…

Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.

Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.

Прикажи повеќе...

Култура

Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум

Објавено пред

По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).

dobivaj vesti na viber

Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).

Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.

Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.

Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош

Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда. „Основното...

Македонија9 часа

МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија...

Македонија15 часа

(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на...

Македонија16 часа

Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на...

Македонија16 часа

По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите

Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче...

Македонија16 часа

Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и бил апсен за дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете....

Македонија17 часа

Бракоразводна постапка и пријава за насилство – вонреден надзор во Центарот за социјални работи по трагедијата во Карпош

Министерството за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои го...

Македонија17 часа

Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност, уверуваат надлежните

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со посебно внимание ја следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст...

Македонија17 часа

МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре

За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати...

Македонија19 часа

Сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, велат од МНР

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473...

Македонија19 часа

Едно лице задржано по трагедијата во Карпош: распити на повеќе лица, детален претрес на станот, екстракција на податоци од телефони, се обезбедуваат снимки

Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во Карпош, кога...

Македонија19 часа

Почувствуван земјотрес во Гостивар

Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово во 5 часот и 21 минути...

Свет21 час

(Видео) Објавено сведочењето на Клинтон за Епстин, Хилари е бесна

Нови видеа покажуваат како Хилари Клинтон речиси излегува од сведочењето зад затворени врати пред американските пратеници за Џефри Епстин откако...

Свет21 час

Пезешкијан: Иран нема да стои настрана пред нападите врз училиштата и болниците

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави дека неговата земја нема да стои настрана поради американско-израелските напади што погодија женско училиште...

Свет22 часа

Трамп: Подготвени сме да водиме војни колку што е потребно, имаме залихи што ќе траат засекогаш

Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата платформа Truth Social извести дека САД имаат рекордни залихи на муниција од среден и...

Свет23 часа

Рубио: Израел планираше да го нападне Иран, мораше да извршиме превентивни напади

Одлуката на Израел да го нападне Иран и сигурноста дека американските сили ќе бидат цел на одмазда ја принудија администрацијата...

Свет23 часа

(Видео) Познатата Палата Голестан во Техеран е оштетена, објавени се фотографии

Делови од Палатата Голестан, единственото место на светското наследство на УНЕСКО во иранската престолнина, беа оштетени во воздушен напад извршен...

Свет23 часа

Америка ги повика своите граѓани веднаш да ги напуштат повеќе од десетина земји од Блискиот Исток

Американското министерство за надворешни работи денес ги повика Американците веднаш да ги напуштат повеќе од десетина земји на Блискиот Исток,...

Свет23 часа

Нетанјаху: Војната нема да трае со години

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека американско-израелската војна против Иран може да трае „некое време“, но нема да трае...

Македонија1 ден

Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството

Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го...