Култура
Во Охрид откриено непроценливо археолошко богатство од 5-ти век п.н.е.
На локалитет меѓу Горна порта и црквата „Света Богородица Перивлепта“ во саботата се откриени 17 гроба, од кои најголем дел се од македонско-хелинистичкиот период, односно од 5 век пред нашата ера. Во гробниците се пронајдени разни предмети, главно златен накит
Вчера пронајденото на археолошкиот локалитет кај Горна порта во Охрид е од непроценлива вредност, како за Македонија, така и за археолошката наука воопшто, истакна денеска пред медиумите директорот на Управата за заштита на културното наследство, вели археологот Паско Кузман.„Во најдолниот хоризонт е откриен и гроб во кој се пронајдени материјали, прилози од времето на златните маски. Тука има нешто позначајно од златната маска, во научна смисла“, изјави Кузман.Според Кузман, во гробницата била погребана младо женско лице со благородничко потекло. На очите на покојничката била поставени златна фолија, на устата ромбоидна златичка, некаде кај срцето златен пикторал. Таквата поставеност на предметите, според Кузман, претставуваат маскирање на лицето на покојникот на начин на каков што досега не е сретнат на друго место на Балканот.„Ако тука го додадеме златниот колан, златна лента долга околу 40 сантиметри, се добива една гарнитура со симболично значење. Сите предмети се украсни, амфороидни приврзоци за ѓердан од злато изработени филигрански, бронзени и сребрени нараквици, сребрени фибули и златни обетки со конусоидна форма, доста ретки“,објасни Кузман.Тој додаде дека во гробницата има и многу други предмети од килибар, што е невобичаено за овие простори, што значи дека во петтиот век пред нашата ера постоеле силни трговски врски со северот каде главно има килибар.Археологот Кузман вели дека ваквите вредни археолошки наоди само ја потврдуваат позицијата на Охрид како монденско место во античко време.Министерката за култура Елизабета Канческа-Илевска во оваа прилика истакна дека заложбите на Владата и на Министерството за култура во делот на заштитата на културното наследство и истражувањата на голем број археолошки локалитети, токму ги потврдуваат овие резултати кои денеска ги имаме.„Ова се значајни артефакти кои го потврдуваат нашиот идентитет, историја и култура, рече таа заблагодарувајќи им се на сите од тимот кои работеа во конзервацијата и истражувањата.Министерката Канческа нагласува дека како и досега и во иднина институциите на државата ќе продолжат со активностите во насока на заштита на културното наследство, како и во делот на истражување на голем број локалитети кои се наоѓаат во програмата на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.
Култура
Премиера на претставата „Парови“ во Драмскиот театар – Скопје
Премиера на претставата „Парови“ ќе се одржи утре на 18 мај во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар – Скопје.
На прес-конференцијата за претставата говореа режисерката Ивана Ангеловска, авторката Ана Ристоска-Трпеноскаи и дел од актерската екипа.
Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите се на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев, дизајнот на постерот е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар – Скопје: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вуисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.
Директорката на Драмскиот театар – Скопје, Викторија Рангелова-Петровска, на прес конференцијата направи осврт на традицијата на Драмски во поддршката на текстови на македонските автори, со што Драмски се издвојува и го држи приматот на национална куќа што дава најискрена поддршка со поставување на претставите на домашните автори.
Таа истакна дека: „Новата премиера на Драмскиот театар, која е воедно и праизведба на драмскиот текст ‘Парови’ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска. Должна сум да посочам на улогата на Драмскиот театар во промоција на македонски драмски автори и на македонското драмско писмо. Драмскиот театар од самиот свој почеток, во сите три негови развојни фази, од Куклено-детски театар преку Младинско-детскиот театар и на крајот Драсмскиот театар во програмската политика искрено се залагал за промоција на македонски автори и на домашното драмско творештво. На самиот почеток на репертоарот на куклено-детската сцена во периодот од 1946 до 1960 година се поставуваат дела создадени од Петре Прличко, кој се потпишува под оригинални детски пиеси и прави театарски адаптации на Дизниевите филмови за деца, како авторите што одбележаа значаен дел од македонската книжевност, како Славко Јаневски („Шумска дружба“, „Шеќерното дете“), Ванчо Николевски („Горски суд“) и Александар Алексиев („Немирници“). Во периодот од 1960 до 1970 следува интензивна промоција на битовата драмтургија претставена преку Ристо Крле („Парите се отепувачка“), Васил Иљоски („Бегалка“, „Свадба“) за да продолжи со промоција на поствоени автори, кои од докажани прозаисти добиваат можност на сцената на Драмскиот театар да го преточат својот театарски обид во успешна театарска приказна, а тоа се авторите: Томе Арсовски („Александра“, „Бумеранг“), Коле Чашуле („Партитура за еден Мирон“), Милан Ѓурчинов („Богомилска балада“), Симон Дракул („Немирна рудина“), Петре М. Андреевски („Богунемили“), Оливера Николова („Земја во која не се стигнува“), Георги Сталев („Болен Дојчин“), Богомил Ѓузел („Адам, Ева и Јов“). Од 1970 почнува златниот период на Драмскиот театар, кој исклучиво се должи на претставите работени на домашни автори, како Горан Стефановски со „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Кула вавилонска“, „Чернодрински се враќа дома“, „Демонот од Дебар Маало“, „Огнени јазици“ итн. Јордан Плевнеш („Еригон“, Р, „Југословенска антитеза“, „Слободен лов“, „Последниот маж“, „Последната жена“), Русомир Богдановски („Пангуриј“, „Чудото на св. Ѓоргија“) и комедиографот Миле Поповски („Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“), кои соработуваат како тандеми со режисерите Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски и Коле Ангеловски. Од 1990 година, покрај овие веќе етаблирани автори, со кои театарот ја продолжува соработката и во годините што следуваат, Драмскиот театар ја отвора вратата и се залага за промоција на новата генерација драмски автори и драматурзи, како Жанина Мирчевска („Шуави ап“, „Есперанца“), Сашко Насев („Чија си“, „Грев или шприцер“), Југослав Петровски („Вазна од порцелан“), Дејан Дуковски („Друга страна“) и Венко Андоновски („Словенски ковчег“, „Кандид во земјата на чудата“).
Во последните децении Драмски театар на театарската сцена ги поставува исклучиво дела на млади македонски драмски авторки како Жанина Мирчевска (Ждрело), Благица Секуловска (Безљубни), Миа Николовска (Така зборуваше Гертруда) како и адаптации и драматизации испишани од жени драматурзи, работени по прозни дела на македонски авторки како што е случајот со Мојот маж од Румена Бужаровска. Праизведбите и соработката на Драмски театар во последниве години не е тенденциозно условена во соработка со жени автори, таа е природно поставена. Не занам дали ви е познато но последните генерации на школувани драматурзи се исклучиво жени. Женскиот драмски ракопис е доминантен.
Зошто ја правам оваа историска ретроспектива на улогата на Драмски театар во дефинирање на македоската драматургија, ја правам за да ја потенцирам улогата на Драмски театар во одржување на континуитетот на македонското драмско писмо и тоа со праизведби со што ја докажува вербата во новите автори. Ја потенцирам улогата на Драмски театар преку кој се дефинираат театарките животи на најголемите македонски драмски автори. Драмски театар е институцијата која отвара врата и искрено и несебично вложува во промоција на македонското драмско творештво и во македоските автори.
Девизата на Ристо Стефановски дека без македонска драма нема театар, беше и остана една од примарните задачи на повеќе или помалку секој раководител на Драмски театар. За таа цел од оваа година Драмски театар започнува со реализација на конкурс за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години а наградата го носи името Горан Стефановски.
И таа доминација на жените автори и денес е тука и е претставена преку Ана Ристоска Трпеноска со чие дело Парови во сабота навечер ќе се претстави пред македонската публика. Во реализација на нејзиното дело се вклиучија режисерката Ивана Ангеловска, сценографот Костадин Трпеноски, композиторот Ади Имери, изборот на костими го изготвија Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев и актерската екипа составена од искусни актери на Драмски и новата снага и тоа: Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Лазар Христов и Ирена Ристиќ која се извинува за неприсуството и е отсутна од оправдани причини. Оваа актерска екипа е заслужна за заокружување на театарскиот проект во целина, без нивната комплетна посветеност заокружувањето на процесот ќе беше неможен. Со тоа како и многупати до сега уште еднаш се потврдува дека актерскиот ансамбл на Драмски театар е неверојатна движечка сила“.
Авторката Ана Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст промислува на современ јазик и го поставува прашањето:
„Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?
Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница која доминира во дигиталниот свет.
Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида.
Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ.
Драмата „Парови“ прикажува неколку парови партнери во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите“.
Култура
Објавена програмата на четвртиот Скопски поетски фестивал
Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар – Скопје (киното „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
Ќе гостуваат поети од Норвешка, од Ирска, од Словенија, од Грција, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и дваесетина домашни поети! Официјалното отворање е закажано за 30 мај во 20 часот во МКЦ.
Мотото на годинешниот фестивал е „Борба. Не војна!“, а автор на постерот е Андреј Павлов.
Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастер-клас за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа.
Годинешното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писателите (HDP), „ПНВ публикации“ и хотел „Цара 1928“. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, „Кајгана“, „Умно“ и „Култура Бета“.