Култура
„Концерт за една душа“ – филмска вечер со Иван Митевски – Копола
Во мултимедијалниот центар Мала станица утревечер, со почеток во 21 часот, ќе се одржи проекција на документарни и играни филмови од еден од најплодните македонски режисери, Иван Митевски – Копола
Оваа филмска вечер е насловена „Концерт за една душа“ и се одржува во рамки на „Скопско лето 2009“. Ќе бидат прикажани „Време на леталата“ (1980), „Глас“ (1985), „Заминување од Пасквелија“ (1992) и „Мајсторот на патината“.
„Иван Митевски е еден од најплодните македонски режисери, со мошне голем опус на документарни и играни филмови, главно во продукција на Македонската телевизија. Прегледувајќи ја филмографијата на Иван Митевски – Копола, прво што ми паѓа на ум е: каде исчезна ТВ-продукцијата во Македонија? Не сакам да верувам дека (не)можностите и (не)условите за творците се единствената причина за замирање на толку значајниот сегмент од националната култура. Од друга страна, сакам да верувам (како што тоа на десетици места во своите филмови го прави Митевски) дека надежта е водилка на животот и дека постојат и причини, а и луѓе за кои транзициониот вакуум е само лош сон по кој ќе следи творечко и човечко будење. Претставувањето на дел од филмскиот опус на Митевски е иницирано токму заради таквото будење. Да се инаугурира една специфична естетска категорија во рамките на еден мал антропоцивилизациски диверзитет неопходно е таа да се темели врз категориите – талент и работа. Но, ваквиот поедноставен „услов” секако ќе мора да излезе од своите тесни рамки и да екстензира со уште дузина придружни елементи без кои уметноста би останала само тежнеење кон некаков полуартикулиран духовен изблик на умешна комбинација помеѓу волјата и технологијата. Самата оваа премиса која бара далеку поопсежна елаборација во „случајот” на Иван Митевски ни отвора нови визури и светогледи, микро и макро светови, болскоти и црнила, тишини и жагори… Сето тоа и уште многу повеќе, зашто Иван Митевски открива видливи но потзаскриени животни нешта, раскажува мали приказни кои кријат големи вистини. Тој не додава бои во своите животно-филмски слики, туку само ги нијансира сите детали на тие слики.Тој не се расфрла со светлината, туку ја насочува во саканата прецизно избрана насока… Многумина, филмовите на Митевски ги доживеале или ќе ги доживеат како автентичен носталгичен документ, што во својата основа е точно. Сепак, една друга карактеристика им дава и поинаков печат на неговите филмови. Тоа е филмската структура, втемелена на најдобрите традиции на светското филмско искуство, мошне вешто комбинирање на современиот филмски израз со патината на ова поднебје. Нешто што италијанскиот неореализам го доведе до дефинирана филмска форма, или американскиот вестерн. Митевски е одамна модернист во македонскиот филм. Неговиот ‘Глас’ е тивок, мал, речиси заробен во амбиентот на Брајчино, но тој со силна метафорична експлозивност патува преку океанот, за да допре во средиштето на емоциите, за тие, чувствата во ‘Време на леталата’ да се трансформираат во љубов и надеж, а во ‘Заминувањето од Пасквелија’ во жестока кошмарна тензичност. А, сето тоа за да кулминира со on the road сагата за ‘Концертот за една душа’. Од позначајните награди ќе ги споменеме: 1978 г. – Награда за режија за ТВ-филмот ‘Златни години’ на фестивалот во Порторож; 1995 г. – Гран-при за документарниот филм ‘Капење на стреите’ на Фестивал за детска и програма за млади во Бугарија; 1995 г. -‘Златна маслинка’ на ТВ-фестивалот во Бар за филмот ‘Заминување од Пасквелија’ и специјална награда за истиот филм на фестивалот Про Футура во Берлин; 1993 г. Гран-при во Порторож за филмот ‘Глас’; 2004 г. – Гран-при за ‘Мрежа на времето’, на фестивалот во Бар; 2005 г. – Најдобар документарен филм на фестивалот во Њујорк за ‘Планетариум'” – Влатко Галевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

