Култура
Деведесет години Баухаус
До октомври оваа година во Берлин ќе биде поставена најголемата ретроспективна изложба посветена на уметничката школа Баухаус, која прерасна во една од водечките уметнички правци на XX век
Поставката во центарот Мартин-Гропиус-Бау насловена „Баухаус, концептуален модел“ опфаѓа околу 1000 објекти и го покрива 14-годишното постоење на ова авангардно движење (1919-1933), кое влијаело на сите области од уметноста – од сликарството до архитектурата и сценската уметност. Баухаус е основана 1919 година во Вајмар, 250 километри југозападно од Берлин и во неа биле вклучени повеќе од 200 студенти, а од нив половината жени, што за тој период претставувало преседан. Основач на школата е Валтер Гропиус, чија основна желба била „сликарот и архитектот да не работат секој за себе, туку во една голема уметничка заедница“. „Конечната цел на сликарството и применетата уметност е изградбата“, се вели во манифестот на Баухаус. „Гропиус не сакал Баухаус да стане стил, туку патоказ за тоа како уметноста може да стане достапна за сите“, вели Улрике Бестген, еден од организаторите на изложбата. Секој професор изградил сопствен правец, а меѓу нив биле Лудвиг Мис ван дер Рое, Василиј Кандински, Пол Кле и Оскар Шлемер. Еден од главните експонати на изложбата во Берлин е фотелјата „В3“ од 1926 година, дело на Марсел Бројер, изработено од челик и кожа. „Дизајнерите се заинтересирале за оваа фотелја дури во осумдесетите години и за маркетиншките потреби и‘ го дадоа името ‘фотелја Василиј’“, наведува Бестген.
Од ноември изложбата „Баухаус, концептуален модел“ ќе биде изложена во МоМА во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.