Култура
„Златна камера 300“ за Питер Сушицки
На јубилејното 30-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола наградата за животно дело „Златна камера 300“ ќе му биде доделена на водечкиот светски кинематографер Питер Сушицки
Питер Сушицки е роден на 25 Јули 1941 во Варшава, токму во екот на Втората светска војна. Неговото семејство се сели во Лондон каде што тој израснал и се школувал. Неговиот татко е исто така прославениот ветеран, фотографот и кинематографер – Волфганг Сушицки (роден во Виена во 1912, кој, иако нема голема филмографија како неговиот син, ќе остане во аналите на британската кинематографија како кинематографер на еден од реперните, култни филмови, од крими-жанрот „Фатете го Картер“ (1971, снимен според романот на Тед Луис, со Мајкл Кејн во насловната улога на лондонскиот гангстер Џек Картер, во режија на Мајк Хоџис). А за тоа дека семејството Сушицки е навистина кинематограферско доказ е и синот на Питер, Адам, кој е третата генерација кинематографери кој снимателскиот занает почна да го учи во 1991 година од татко му Питер во филмот „Гол ручек“ (вториот од серијата 8 филмови што досега Питер Сушицки ги снимил како кинематографер на режисерот Дејвид Кроненберг во кои тој најчесто стоел и зад камерата како снимател/камерман/camera operator и од кого, најнепосердно и практично, учел син му Адам, како обучуван, во англиската стручна терминологија т.н. camera trainee.Кариерата на Питер Сушицки може да се подели на две етапи, првата, во неговата младост, од средината на 1960-те и 1970-те, вградена во десетина сега веќе антологиски филмови од големата британска кинематографија, и втората во која влегуваат неговите 8 филмови, станувајќи тандемски препознатлив соработник-кинематографер на Канаѓанецот Дејвид Кроненберг. Во периодот по завршувањето на студиите на IDHEC, од 1962 до 1965, Питер Сушицки најнапред ќе сними како кинематографер повеќе од 10 кратки филмови, меѓу кои е и оскаровецот „Воена игра“ – 48 минутен фикциски документарец за можен нуклеарен напад на некој англиски град, за кој режисерот Питер Воткинс во 1967 се закити со наградата од американската академија и со „BAFTA“ во категоријата на краток документарец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

