Култура
Акварелите на Љубомир Белогаски во Битола
Утревечер во Битола, со почеток во 20 часот, во културниот центар „Магаза“, ќе биде отворена самостојната изложба на македонскиот акварелист Љубомир Белогаски (1911-1994). Изложбата претставува дел од богата ризница на Белогаски донирана од Музејот на град Скопје
Љубомир Белогаски, академски сликар, графичар и педагог, еден од преставниците на првата генерација современи македонски сликари и основоположници на македонската современа ликовна уметност е роден на 15 април 1911 година во Делчево. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 на Академскиот отсек при Уметничката школа, во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љубомир Ивановиќ, Никола Бешевиќ, Симеон Роксандиќ, Иван Радовиќ, а во 1947 година специјализира графички техники на Академијата за ликовна уметност во Љубљана кај професорот Божидар Јакац. Неговиот творечки опус е одбележан со многубројни самостојни и групни изложби во Македонија и низ поранешинте југословенски простори. Добитник е на вредни награди и признанија, меѓу кои и Октомвриската награда на СРМ за животно дело во 1972, Орден на Републиката со сребрен венец 1979, наградата 13-ти Ноември во 1992 и други. Покрај дејноста во областа на уметничкото творештво, тој активно учествувал и во јавниот и културен живот на земјата… Во знак на почит кон градот во кој живееше и твореше, Љубомир Белогаски во 1991 година остави вреден легат – од сопствената збирка, подарувајќи му на Музејот на град Скопје 159 дела. Донацијата ја сочинуваат 125 акварели, 6 масла, 26 цртежи и 2 графики, настанати во периодот од 1929 до 1990 година. Оваа донација е прва во Македонија и овозможи Музејот на град Скопје да ја оформи галеријата „Љубомир Белогаски“, во која постојано се изложени делата кои го чуваат споменот на човекот-уметник и педагог. Љубомир Белогаски почина на 15 февруари 1994 година во Скопје, но зад себе ги остави своите многубројни ликовни дела во духовната ризница на нашата култура. Во знак на сеќавање и пиетет кон личноста и делото на големиот мајстор на акварелот, Музејот на град Скопје востанови годишна награда „Љубомир Белогаски”. Во текот на својата долгогодишна богата и плодна творечка дејност, Белогаски ќе експериментира во повеќе техники, но акварелот ќе остане негова трајна определба, во кој остварува врвни дострели оформувајќи го својот личен ракопис на врвен мајстор на акварелот… Сеопфатно, лексиката на сликарство на Љубомир Белогаски е повеќеслојна; се одликува со континуитет и доследност, со сензибилитет, главно лирски интониран. Последиците се природно и логично изразени во сликарски вредности – акварели, кои зрачат со сета своја оригиналност и свежина, топла и ведра панорама на организирани обоени површини, дела кои со своето постоење имаат трајна вредност и ја збогатуваат нашата ликовна современост.
Изложбата ќе биде отворена во рамки на „Бит Фест“, а за авторот и неговото творештво ќе говори Дора Андова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

