Култура
ПОТРОШАБЛ ПРОДУКТ
Лична библиотека
Пишува: Јелена ЛУЖИНА“Мажите се како чевли. Некои стојат подобро отколку другите. А, некогаш, ќе појдете во шопинг нема да ви се допадне ништо. И тогаш, по волја на среќата, следната недела ќе најдете чифт чевли што совршено ви одговара, но немате доволно пари за да ги купите и двете. Неодамна бев во токму таква ситуација… не со чевли, туку со мажи.” Вака, ете, пишува госпоѓата Џенет Иванович, американска писателка со словенско презиме. И тоа на самиот почеток од својата книга Љубовта на Стефани Плам. Препишувајќи ги овие пет иницијални реченици, знаев дека мора да постапувам крајно одговорно: имено, да ги испочитувам сите преведувачки и лекторски “несмасности” впишани во нивниот текст (преведен од Марјан Петров). Колку да знаете оти грешките што ги забележивте не треба да ги ставате на мојот рабуш. Откако книгата Љубовта на Стефани Плам успеав трпеливо да ја испрочитам (од почеток до крај), та откако (потоа) извесно време мислев дали за неа (воопшто) треба да пишувам, решив да прибегнам кон познатиот трик кој обично ги “спасува” сите книжевни колумнисти фатени во тесно (то ест: во бизарна ситуација некој производ спакуван помеѓу две корици да го проценуваат како литература). Ете, затоа и ги препишав цитираните пет реченици. За веднаш да ви стане јасно за што станува збор. За да ги одбегнеме евентуалните недоразбирања, ќе кажам веднаш: нема книжевен колумнист на овој свет кој би бил толку исклучив (или глупав) да го застапува ригидниот став според кој во таканаречената сериозна (или барем полусериозна) литература треба да се вбројуваат, главно, Уликс, Ана Каренина, Пеколот на Данте, Оливер Твист, Одвеано со виорот, Убиство во Ориент-експрес, Хари Потер и останатите познати и помалку познати книжевни продукти од најширок спектар. Верувам, исто така, дека тешко ќе се најде што-годе сериозен (илити одговорен) читател кој книжевноста сè уште би милувал да ја диференцира и дели на “лесна” и “тешка”, “елитна” и “популарна”, “висока” и “ниска”… Зошто, тогаш, воопшто тупам за “литерарноста на литературата”, наместо да пишувам за романот Љубовта на Стефани Плам? Најверојатно затоа што не наоѓам што-годе аргумент со помош на кој писанието со овој ветувачки наслов (и оној навидум духовит почеток за аналогијата помеѓу мажите и чевлите) би можела да го квалификувам како роман во онаа “потесна”/”суштествена” смисла на зборот. Онаа за која се застапуваат книжевните теоретичари, кои романескниот жанр го оценуваат/вреднуваат како комплексна, ама – поради угледот, влијанието и популарноста што ја ужива – дури и најважна книжевна форма. Добро, доколку книгата Љубовта на Стефани Плам навистина не може да се пофали со комплексноста, угледот, влијанието, популарноста и важноста (“жанровската нај-важност”) – во што можете да се уверите доколку се решите да прочитате барем половина од нејзините 178 страници – не е ли логично да се запрашаме зошто еден угледен, влијателен, популарен и неспорно релевантен македонски издавач (Култура) решил да се зафати со нејзиното преведување и објавување? За жал, спомнатиот издавач книгата не ја “надополнил” со каква било белешка во која евентуално би ги појаснил причините за изборот на токму овој труд на госпоѓата Иванович. Не го потпишал дури ниту уредникот кој односниот труд (белким) го приредил за печатењето. Не се погрижил, најпосле, да дометне барем некое кусо белешче за авторката (за која, признавам, до пред некој ден не знаев ама навистина ништо). Затоа и немав избор, туку – откако дисциплинирано го испрочитав прилично “несмасниот” превод на нејзината прилично банална книга, а не можев да одговорам на прашањето од претходниот пасус – самата да се впуштам во мала интернетска потрага по информациите. Дознав дека госпоѓата Иванович е родена во 1943 г. во некое гратче во државата Њу Џерси, дека е среќна сопруга и мајка на две деца, ама и мошне деловна жена која, откако во триесеттите години од својот живот открила дека пишувањето на акциони мелодрами (англиски: романтиц адвентуре новел) ептен ì оди од рака, сопственото хоби го трансферирала во успешен семеен бизнис. Дваесетина години подоцна, таа е горда сопственичка на фирмата Иванович.ком (види: њњњ/евановицх.цом), која ги произведува и продава нејзините многубројни книги. Само за онаа Стефани Плам од денешниов наслов има серија од, сега-засега, дваесет продолженија; меѓутоа, дамава пишува серијали и за некои други фикционални јунаци! Сите дејствија се случуваат во Трентон, гратче од 82.000 жители, инаку главен град на државата Њу Џерси.Книгите ги комплетира придружната галантерија што го стимулира маркетингот. На сајтот се рекламираат маички, кекси, сендвичи, омилениот шампон на Стефани Плам, нејзините домашни миленичиња и слични дребулии поврзани со содржината на продолженијата. За работата да си тече како што треба, госпоѓата Иванович мора да ги смислува и да ги пишува своите книжулиња секојдневно (по осум часа во делниците, по четири часа во текот на викендите), а за останатото (пласманот, на пример) се грижат нејзиниот верен сопруг, ефикасната ќерка и драгиот зет. Благодарение на вака примерно усогласен механизам, госпоѓата Иванович неодамна можела да си купи и два красни расни коња (има слика на сајтот). Повеќе за нив ќе дознаат тие што ќе се решат да ги читаат (и да ги преведуваат?) нејзините следни книги. Мене ми беше доволна и оваа една.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

