Култура
Театарската програма без театар
Охридско лето 2009
Пишува: Лилјана МАЗОВАЌе верувавте ли некому ако ви кажуваше дека на Охридското лето 2009, кое годинава одбележува 49-годишно постоење, ќе се распадне театарската програма?! Пред да започне, уредно ги слушавме и читавме најавите за концептот на селектирана драмска програма која, за волја на вистината, години и децении наназад, остварувала разнородни и бројни драмски програми со значајни уметници од дома и од светот. Впрочем, Охрид е “град сцена” и толку колку што трае најголемиот и најзначаен фестивал Охридското лето (традиционално од 12 јули до 20 август), мошне важен сегмент на вкупната култура на и во Македонија, привлекувала и прекубројна публика токму со театарските претстави кои ги имало на разни негови отворени и затворени театарски и нетеатарски простори. Се паметат и изданија кога и буквално градот бил театарска сцена: на која речиси истовремено на по неколку различни локации актери од дома и од светот ги подготвувале, прилагодувале и изведувале своите претстави, проекти, перформанси. Фестивалот речиси пет децении е конципиран и граден како битна одредница во мапата на летните меѓународни манифестации кои во вечерните часови на своите сограѓани и на гостите им нудат музичка и драмска програма. Годинава сè е поинаку. Во јули (според најавите и во август) театарската претстава е реткост. Најнајавуваните беа откажани, а некои од прикажаните беа веројатно само “инвестиција” за поединечно возвратно гостување. Ден по свеченото отворање на Летото 2009 со бардот Енио Мориконе во преполниот Антички театар (велат 4.000 посетители), стартуваше драмската програма со Шекспировата Бура (13 јули) на Драмскиот театар од Пазарџик, Бугарија, во скромниот услови на Домот на културата, во режија на Владлен Александров, чест гостин и познавач на македонскиот театар. Создадена како чист театар кој истражува по човековата душа, не го додржа вниманието ниту на 100-темина гледачи кои од програмското ливче (и во фестивалскиот каталог) прочитаа дека драмата Бура на Шекспир е “еден од неговите подоцнежни романи”!!!??? На Александар на Драмски театар од Скопје (16 јули) според текстот и во режија на Љубиша Георгиевски, полесно се дишеше: публиката го сака Драмски и Предворјето на “Св. Софија” беше полно. Еден од најавените настани на Летото 09 − гостувањето на Центарот ЕАСТ-ЊЕСТ од Сараево со двете претстави во режија на Харис Пашовиќ (19 и 21 јули во Предворјето на “Св. Софија” и дворот на ОУ “Св. Климент Охридски”) Нора на Хенрик Ибзен и Класен непријател на Најџел Вилијамс, беа освежување. Особено поради енергијата на младите актери и концептот за игра која влегува во суштината на животот на младиот човек оптоварен со сите појави и проблеми на денешницата. Следуваше настапот на групата Ананија од Мароко со Мадам Плаза (23 јули) во Домот на културата со прашањата кому и зошто и за тие пари на колку други претстави од дома публиката би им се израдувала!?Потоа дојде серијата откажувања на најнајавуваните. Прво проектот Троил и Кресида на МНТ од Скопје во режија на гостинот Љубиша Ристиќ (овдешен апсолутен рекордер по времетраењето на подготовката), најавен за 26 јули прво како 15-часовен спектакл, потоа како 5-часовен “интензивен” театар (некое ново толкување на кое спротивност му веројатно “екстензивен”) и конечно откажување на неговата премиерна изведба во Охрид. Веднаш по ова уште едно откажување на еден од столбовите на Летото 09, претставата Среќни денови по Семјуел Бекет во режија на Роберт Вилсон (29 јули). И ново откажување: нема да има фестивалска премиера и на Генералот на мртвата војска по романот на Исмаил Кадаре, во режија на Дино Мустафиќ и продукција на Албанскиот театар од Скопје (6 август). Додека се подготвува овој број на Форум, се очекува изведбата на Крпен живот по романот на Стале Попов, во режија на Владо Цветановски во Заливот на коските во Градиште (3 август) во продукција на Народниот театар во Прилеп. И уште една домашна − Браќа Карамазови по Ф.М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски на Народниот театар од Битола, која е на програмата на Летото 09 по покана на директорот на фестивалот Тони Симоновски. Најавени се и по една претстава од Србија и од Турција.За суштината на откажувањата и за одговорноста за распадот на драмската програма на годинешното Охридско лето, веројатно ќе се говори уште долго по неговото завршување. Колку селекторот, актерот Ѓорѓи Јолевски, го имаше по медиумите пред и на почетокот на фестивалот, толку сега го нема. Одбирот на молк за распаднатата драмска програма можеби некому му одговара да се толкува како сплет на околности кои, ете, се случуваат. Да, секогаш постои ризик кога се селектира и виденото, уште повеќе невиденото и она што е во подготовка. Но, тогаш е во прашање само квалитетот кој, во зависност од вкусот, за секого е различен. А, кога се распаѓа селекцијата повеќе од јасно е дека станува збор за “недовршена работа”. Или не се имале цврсти договори (повеќе биле пусти желби) или не се знаело со кого и како се договора. За која било селекција е одговорен селекторот кој пред да ја објави програмата има време и простор (една, две, па и три години, особено со творци кои работат и планираат на подолг рок) да знае кој, каде и што работи, кога и во какви услови треба да го оствари договорот со кој може да се смета на сигурна програмска содржина. Селекторот ја осмислува програмата, Управниот одбор ја прифаќа, дирекцијата ја реализира/менаџира. Таква е и постапката и одговорноста за нереализираното, за празните одови, за распадот на еден концепт кој е создаван, еве, веќе пет децении.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

