Култура
Уметноста на „разбојниците“
Со премиерата на претставата „Разбојници“ од Фридрих Шилер, во режија на Младен Вукиќ-Феѓа, а во продукција на фестивалот, синоќа (12 август, среда) во Битола стартуваше четвртото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО
Дури ни фудбалскиот натпревар Македонија-Шпанија, во чиј термин „влезе“ АКТО_4, не и попречи на посветената битолска публика да ја проследи минималистичката претстава во режија на гостинот од Хрватска. Во „Разбојници“, која се одржа во напуштениот клуб „Алхамбра“, во комшилакот на новиот споменик на Филип Втори во изградба на плоштадот „Магнолија“, со голема играчка страст настапија Петар Арсовски, Огнен Дранговски, Илина Чоревска, Самоил Стојановски и Александар Копања, а дизајнот на претставата е на Филип Јовановски. Инаку, од вчера па до недела траат и уличните перформанси на Деан Дамјановски („Нем перформанс“) и Тонка Малековиќ („Испрати понатаму“), а на денешната програма на фестивалот, чија посвета годинава е на темата „Поколенија“, се: мултимедијалниот перформанс „We are all Big Brother and Big Brother is just one of us“ на Пила Русјан од Словенија, со почеток во 12 ч. на Широк сокак, наспроти „Веро“, потоа цртачкиот перформанс „What have I done wrong“ на Ана Недељковиќ од Србија, презентација на скопскиот фестивал „De:sonanz“, групната изложба на 50 уметници од Бугарија, насловена „When values become form“, чиј анти-куратор е Штефан Боненбергер, а вечерашното фестивалско финале ќе биде во знакот на сетовите на диџеите Тони Димитров, Сашо Ресид и Никола Куниќ. Конципиран како фестивал на андерграунд уметноста, АКТО_4 со денешните и програмите замислени за наредните три дена се обидува да го „преобликува“ јавниот простор преку излегување на уметничките форми од просториите стандардни за нив (па затоа не само што перформансите се улични, туку и другите содржини се одржуваат во физички простори кои добиваат ново значење), како и да ги постави истите дела во контекстот на годинешната фестивалска тема „Поколенија“. Утре (14, петок) на програмата е првиот дел од конференцијата „Поколенија – Архиви на идентитетот“ со учество на десеттина култоролози и интелектуалци, театарската претстава „Леон“ на уникатниот панк-папет театар „Дас Хелми“ од Берлин, Германија, а во вечерниот термин се концертите на водечките млади бендови во регионот, „Репетитор“ (Србија, на фотографијата), „Bei the fish“, „Martchin\\OffPop\\“ и „Plagijat Crew“ од Македонија. Локацијата на концертите е клубот „Алханбра“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

