Култура
Почнуваат „Струшките вечери на поезијата“
Со положување цвеќе пред спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга и со претставување на портретот на Наум Миладинов, помалку познатиот брат на Димитар и Константин, почнуваат активностите на најпрестижната меѓународна поетска манифестација во Македонија „Струшките вечери на поезијата“
Четириесет и осмото издание на СВП свечено ќе биде отворено утре вечер пред Домот на поезијата со традиционалното читање на песната „Т’га за југ“ и со концерт на маестро Симон Трпчески, а ќе продолжи со меѓународното поетско читање „ПоетскиТом меридијани”. Претходно прес-конфренција ќе одржи годинашниот добитник на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ Томаж Шаламун од Словенија. Вечерта, пак, по свеченото отворање е предвидена традиционалната „Ноќ без интерпункција“ на која ќе биде претставен сенегалскиот поет Усман Сар-Сарус, добитник на наградата на УНЕСКО и СВП за најдобар млад поет. Вообичаено утре ќе биде засадено и дрво во „Паркот на поезијата“ во Струга.Секоја година во склоп на фестивалот се одржува Симпозиум посветен на поезијата, на кој учествуваат голем број поети со свои излагања. Оваа година темата на симпозиумот е „Поезија и музика“ и ќе се одржи на 21 август. Покрај сипмозиумот, ќе се одбележи 100-годишнината од раѓањето на поетот Никола Јонко Вапцаров (1909-2009), каде свое обраќање ќе има академик Гане Тодоровски. На наколната населба „Залив на коските“ во Градиште е предвидена „Вечер на норвешка поезија“, со обраќање на академик Матеја Матевски.На 22 август ќе бидат промовирани 10 книги преводи од македонски поети на англиски јазик и на едицијата „Плејади“. Во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, вечерта, поетот Богомил Ѓузел ќе го претстави творештвото на добитникот на „Златниот венец“ Томаж Шаламун.На 23 август ќе се одржи Меѓународен митинг на поезијата „Мостови“ на кој свечено ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостовите на Струга“ награда на УНЕСКО и СВП и наградата „Иселеничка грамота“.Учесниците на СВП на 24 август ќе посетат неколку градови низ Македонија, а манифестацијата ќе финишира во Скопје, на 25 август, во Друштвото на писатели на Македонија, каде што лауреатот Шаламун ќе биде прогласен за почесен член на македонската поетска асоцијација.Струшките вечери на поезијата беа иницирани во 1962 година со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Константин и Димитар Миладинови. Во изминатите речиси пет децении Фестивалот пречекал околу 4 илјади поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од 95 земји од светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

