Култура
Нов стил и стандарди за 65 години Македонска филхармонија
Шеесет и пет години постоење на Македонската филхармонија и 100-годишнината од раѓањето на големиот македонски композитор Трајко Прокопиев ќе ја одбележат новата сезона 2009/2010 на македонскиот ансамбл
Сезоната ќе започне на 1 октомври 2009 година со настапот на светското диргентско име маестро Урош Лајовиц со фантастичната турска пијанистка Ѓулсен Онај како солистка. Концертот, каде ќе се изведе суитата „Лабин и Дојрана”, ќе биде посветен на 100-годишнината од раѓањето на еден од основоположниците на македонската современа музика Трајко Прокопиев. Пијанистката Онај доаѓа во Скопје по настапите на големите музички сцени во Њујорк, Лондон, Берлин. На отворањето ќе биде изведен концерт за пијано и оркестар од Едвард Григ и секогаш атрактивна за слушање суитата „Жар Птица” од Игор Стравински.На 26 Ноември 2009 година, кога се прославува 65-от роденден на Македонската филхармонија, ќе има свечен концерт под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски, каде како солист ке настапи нашата позната пијанистка, амбасадор на културата во Австрија, Елена Мисиркова изведувајќи го концертот за пијано од Властимир Николовски. На програмата на овој концерт ке биде изведена една од најубавите композиции напишани од Чајковски – неговата „Симфонија бр. 5“.„Во текот на целата сезона нашата публика ќе има можност да ужива во прекрасни концерти на кои ќе бидат изведени дела кои одамна ги нема на репертоарот на Македонската филхармонија, композиции кои за првпат ќе бидат изведени, но и композиции кои се дел од стандардниот репертоар на оркестарот и се омилени кај македонската публика. И оваа сезона Македонската филхармонија продолжува со внесување на нови стандарди во областа на класичната музика, со минатогодишните воведувања на нови циклуси – џез-симфониските концерти, циклусот концерти со име ‘големите мајстори’ концертите ‘Љубов’ и ‘Танго’, циклусот на концерти наменети за најмладите. Во новата сезона ќе се напушти циклусот на џез-симфониски концерти, но на сметка на тоа ќе се воведе нов циклус насловен ‘Слушајте филм’, а ќе бидат и изведени две големи вокално инструментални дела: ‘Пасија по Матеј’ напишана од рускиот епископ Иларион Алфеев и ‘Реквием’ од Габриел Форе, што ќе биде и велигденски подарок за публиката”, изјави директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ.На сцената на македонската филхармонија ќе ги видиме и слушаме светски познатите солисти Валери Соколов, Изабел Фауст, Јоханес Мозер, Кристијан Фрон, Милослав Гајдош, Хисако Кавамура, Хонг Жу, Мелина Тодоровска, Емануел Цејсон, Радован Влатковиќ. Оваа сезона се прошири и листата на диригенти кои ќе работат со македонскиот оркестар, па така, освен веќе добро познатите за нашата публика Урош Лајовиц и Јануш Пшибилски, ќе настапуваат и Николас Клиобури, Ричард Бернас, Стефан Лано, Марко Летоња, Иван Репушиќ, нашите Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, а по долги години пауза повторно на диригентскиот пулт ќе застане и Емил Табаков.„Во изминативе две сезони камерниот оркестар на Македонската филхармонија промовираше контуинуран растеж и фантастични концерти, што се покажа и на турнејата во јули годинава во Полска. Во сезоната 2009/2010 за сите љубители на камерното музицирање, овој камерен оркестар ќе им понуди несекојдневни музички доживувања водејќи ги низ различните епохи, стилови и музички форми напишани за камерен оркестар”, додаде Чаначевиќ.Покрај стандардните симфониски концерти, Македонската филхармонија во 2009/2010 повторно подготви изненадување за публиката. Два несекојдневни концерти кои се реткост во рамките и на најголемите симфониски оркестри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

