Култура
Симон Трпчески со исклучителна серија концерти
Веќе на 10-ти наредниот месец, македонскиот пијано-виртуоз ја отвора сезоната на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар
Походот на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески по најпрестижните концертни сцени, во друштво со водечките оркестри и диригенти продолжува со несмален интензитет. Веќе во понеделник (31.08.), на агендата е повторниот настап на фестивалот ПРОМС во Кадоган Хол во центарот на Лондон. Во рамките на прославата на 10-годишнината на програмата Нови генерации уметници на БиБиСи, од која нашиот пијанист своевремено беше дел 2 години, Трпчески ќе се претстави со полурецитал.Веќе на 10-ти наредниот месец, македонскиот пијано-виртуоз ја отвора сезоната на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар. На одамна распродадениот концерт, под диригентската палка на шеф-диригентот на овој реномиран ансамбл Василиј Петренко, ќе биде изведен возбудливиот Концерт број 3 за пијано и оркестар од Рахманинов. Следат дебито на Трпчески во Трондхајм-Норвешка, заедно со нам добропознатиот диригент Александар Ведерников кој го предводеше Оркестарот на Бољшој театарот на спектакуларниот концерт во Скопје, а октомври продолжува со уште еден настап во британската престолнина. Трпчески ќе ја има честа да ги отвори годинашните престижни меѓународни пијано серии со настапот во салата на Кралицата Елизабета. За таа цел подготвувам програма со малку поинаков стил од тој на кој навикнала, особено публиката во Лондон, значи музика на Хајдн, Моцарт, други дела од Шопен, но и новата суита на нашиот Панде Шахов, изјави Трпчески за Македонското радио, најавувајќи и продолжување на убавата практика за настапи во рамките на проектот „Концертна турнеја низ Македонија”.На октомвриските дестинации што ги вклучуваат и концертите во Торонто и Отава, Канада, се надоврзуваат за ноември планираните рецитали во Љубљана, Словенија и Лоѓ и Варшава во Полска, како и турнејата со Филхармонија оркестарот од Лондон, на која Симон Трпчески ќе биде солист во изведбата на Концертот број 1 од Чајковски, а зад диригентскиот пулт ќе застане легендарниот маестро Лорин Мазел. Турнејата ќе опфати серија концерти во Германија, Луксембург и Велика Британија, со големото финале во Ројал Фестивал Хол во Лондон на 3-ти декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

