Култура
Изложба на Гоце Божурски во Ресен

Најновото сликарско творештво на академскиот сликар Гоце Божурски ќе биде биде претставено во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, во петок, 20 часот
Со оваа изложба Божурски и‘ се претставува на публиката по петгодишна пауза (по инсталацијата „Клопотраци за вљубени“ во КИЦ, 2004 година, и самостојната изложба во Cite International Des Arts во Париз, 2004).Иако во новонастанатите дела, на одреден начин и во извесна мерка се задржани одделни елементи од етнофолклорното поднебје, тие сепак не се доминантниот лајт-мотив, туку се сведени на придружна нитка на евокација, идентификација и лоцирање на местото на случувањето со лирска поетичност на просторот. Одделните траги и записи кои порано беа во фонот на сликата сега се извлечени во прв план и се дефинирани како графити на ѕидна површина со мноштво срца, имиња и иницијали на вљубени како сведоштва на завет, силна, нескротлива и вечна љубов. Динамичната, ритмично треперлива возбуда која ја диктираат графитите, одвреме-навреме е стивната со повремено вградени елементи кои имаат и симболично значење (фенер, ламба, кандило и сл.). Гоце Божурски (1958) дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на отсекот Историја на уметност. Учествувал на повеќе групни изложби во земјата и странство (Скопје, Париз, Белград, Сараево).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина Наташа Маневска, драматург во штипскиот театар

Со огромна тага ја споделуваме веста за смртта на нашата колешка Наташа Маневска, драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, соопшти штипскиот театар.
Маневска беше член на нивниот колектив од 2011 година и во периодот од 2011 до 2015 година беше на чело на институцијата како директор.
Од 2016 година беше на работното место драматург.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Штип в четврток, 27.2.2025, од 13 до 14 часот.
Комеморација во нејзина чест ќе се одржи во Театар „Штип“ в петок, 28.2.2025 во 12 часот.
Култура
Концерт на филмска музика на Кирил Џајковски

Првпат во живо со голем филмски оркестар премиерно ќе се одржи концерт на филмска музика на Кирил Џајковски.
Неговата работа како композитор на музика за филм беше придружен елемент на многу домашни и интернационални филмови, меѓу кои: „Големата вода“ (за која доби награда за најдобра музика на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија), „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, One more game, „Бал-кан-кан“, Piargy, „Трето полувреме“ и многу други. На концертот Кирил Џајковски придружуван со 30-член оркестар под диригентската палка на Џијан Емин ќе ги изведе легендарните музички теми, кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања.
Освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, тој е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Овој концерт претставува своевидна ретроспектива на 25-годишната филмска работа на Кирил Џајковски. Филмската музика на Кирил не само што ги надополнува и издига филмските сцени, таа и живее независно од филмот. Овој концерт ќе биде одлична можност еден од најпродуктивните композитори на музика за филм на Балканот пред македонската публика да го претстави својот извонредно големи и значаен опус.
Концертот e замислен како посебно аудио и визуелно доживување, а ќе се реализира на 6 април 2025 година во големата сала на Националната опера и Балет со почеток во 20 часот.
Култура
(Видео) Симон Трпчески го сефтоса клавирот, донација од Анѓушев за Факултетот за музичка уметност

Во преполна сала во Националната опера и балет, синоќа најпознатиот македонски пијанист, Симон Трпчески со колегите одржа спектакуларен концерт, изведувајќи повеќе дела од Моцарт, Брамс, ерменски фолклор, како и неговиот проект „Македонисимо“.
Настанот беше по повод новиот клавир „Feurich“- донација од бизнисменот Кочо Анѓушев, за потребите на Факултетот за музичка уметност, во соработка со австриската Амбасада и амбасадорот Мартин Памер.
Заедно со Трпчески синоќа настапија и пијанистката, Елена Атанасовска-Ивановска, виолинистот Момчило Куфујанакис, соло пејачите Иван Наумовски и Горан Начевски.
Круна на вечерта беше проектот „Македонисимо“ со кој Трпечески и неговите колеги ја кренаа публиката на нозе. Квинтетот ги вклучува и Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки). Концертите на „Македонисимо“ со кои се промовирира македонскиот ритам наидоа на одличен прием во целиот свет,а многу реномирани критичари го опишаа како магично искуство.
Во салата синоќа беа присустни и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура, Зоран Љутков, а меѓу гостите беше и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
Како што изјави деканката на Факултетот за музичка уметност, Дарија Андовска, идејата за новиот клавир ја покренал амбасадорот на Австрија, инаку поранешен виолинист, кој самиот дошол во просториите на ФМУ. Потоа со Анѓушев била договорена донацијата на клавирот. Досега музичарите од овој факултет свиреа на инструмент постар од 50 години.
Памер кој важи за голем пријател на Македонија и огромен љубител на музичката уметсност, зборуваше на македонски јазик, а потоа и на англиски, како што рече, во интерес на времето. Кога пијанистот Трпчески му се заблагодари на германски, тој се огласи од публиката, довикувајќи: „Разбирам македонски“, што ги расположи присутните во салата.
Кусо обраќање имаше и Анѓушев, кој рече дека подеднакво голема донација е и онаа на Трпчески на големата сцена.