Култура
„Танц фест“ и Рисимкин во престижното списание „Dance for you!“

Овогодинешното, 5. по ред издание на „Танц фест – Скопје“ и интервју со главниот организатор и селектор на програмата, Рисима Рисимкин, се најдоа на страниците на престижното германско списание специјализирано за танц „Dance for you!“
Во списанието, уредникот се осврнува на фестивалот од два аспекта: репортажа за фестивалот, со многу промотивен текст за самиот настан, за Македонија како земја, нарекувајќи ја „неоткриен бисер“, како и интервју со Рисима Рисимкин, уметничкиот директор на фестивалот. Под наслов „Онаму каде што се разоткрива уметноста на танцот“, во текстот меѓудругото пишува: „Македонија – повеќето од нас оваа земја ја познаваат само од вестите. Но, сепак Македонија е вистински неоткриен бисер. Малата држава меѓу Бугарија и Албанија на посетителот му нуди едно мноштво на знаменитости, природа, култура и многу историја. Тоа е земја на музика, песни и танци. Земја, каде што луѓето со векови радоста и тагата ги изразуваат преку музика и танц. Во Скопје, главен град на независната држава Македонија од 1991 година, може да се види доста изразениот ориентален карактер, што е одлика на многу градови во Југоисточна Европа. Тесните сокачиња и малите продавници секоја прошетка ја претвораат во патување низ времето. Македонија е земја, којашто ја негува и поддржува културата. Па така е и со ’Денс Фест‘, фестивал кој оваа година го прославува неговото петгодишно постоење и којшто прерасна во важна станица за меѓународниот современ танц. Меѓународниот настан како свој катализатор ја има кореографката Рисима Рисимкин, една од најзначајните лица од сферата на танцот во Македонија. Треба да му се искаже благодарност на нејзиниот личен ангажман за тоа што секоја година се собираат многу луѓе, создавачи на танцот, од целиот свет за да го збогатат културниот живот на Македонија…“, завршува Микаела Виеру, главен уредник на „Dance for you!“ која гостуваше во Скопје за јубилејот на „Танц фест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.