Култура
Светски кинематографери на јубилејниот „Браќа Манаки“
Јубилејното, 30. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе се одржи во Битола од 26 септември до 2 октомври, ќе понуди богата филмска програма и навистина ексклузивни имиња од светската кинематографија, кои ќе бидат гости на фестивалот
Како што претходно беше најавено, лауреати на овогодинешното издание на „Браќа Манаки“ се британскиот кинематографер Питер Сушицки, добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, британскиот оскаровец Били Вилијамс, исто така добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ и Ентони Дод Ментл, добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Годинава на фестивалот ќе бидат прикажани над 70 филмови во неколку категории. Во Официјалната програма беа селектирани 12 филмови од Хрватска, Аргентина, Филипини, Русија, Словенија, Унгарија, Велика Британија, Франција, а меѓу нив се најде и годинешниот лауреат на Берлинскиот филмски фестивал „Млеко од тага“. Селектор на Официјалната програма е Благоја Куновски – Доре. Првпат оваа година на фестивалот се воведува категоријата Нови визии која се фокусира на алтернативните филмови и независните продукции. Селектор на оваа програма е Сунчица Уневска. Документарната програма опфаќа 6 документарни филмови од најновата светска продукција. Селектор е Евгенија Теодосиевска. Во богатата програма на кратки филмови, чиј селектор е Кристијан Гино, за наградата „Мала златна камера 300“ беше избран и македонскиот „Еден“ на Вардан Тозија. Новина на „Браќа Манаки“ е и претставувањето на филмовите селектирани од Европската филмска академија – ЕФА тура на краток филм, потоа Сараево филмски град – филмови од Сараевскиот филмски фестивал, а во соработка со Филмскиот фонд на Македонија ќе биде претставена програмата Македонска панорама, каде ќе бидат прикажани домашните филмски остварувања работени во последните 2 години. Меѓу нив се „Танцувај со мене“ на Саша Дамјановски, „Име си е име“ на Сигурјон Еинарсон, „Погледни го животот низ моите очи“ на Марија Џиџева и неколку краткометражни и документарни филмови.Покрај овие, годинава се воведува уште една нова програма – Манаки Скрипт Корнер, чија цел е да промовира, помогне и школува млади филмски автори. Манаки Скрипт Корнер е несебично поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија. Во текот на фестивалската недела, пред платото на Центарот за култура во Битола, секојдневно ќе се одржуваат и концерти на домашни бендови.Фестивалот на 26 септември свечено ќе биде отворен со проекцијата на добитникот на Оскар „Сиромашниот милионер“ на режисерот Дени Бојл, чиј кинематографер беше токму Антони Дод Ментл, кој ќе биде гостин во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

