Култура
„Браќа Манаки“ – ден трети
Штотуку заврши кусото претставување на жирито на 30. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Претседател на жирито е прославениот кинематографер од Обединетото кралство Питер Сушицки („Томи“, „Листоманија“, „Империјата го возвраќа ударот“), култниот режисер Слободан Шијан, Србија („Кој тоа таму пее“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Давител против давител“), почитуваниот Јури Клименко, кинематографер од Русија („Дневникот на неговата жена“, „Заробеник“, добитник на две Сребрени камери 300) и како мало изненадување, барем што се однесува до професијата, д-р Минас Бакалчев, архитект. Можеби е малку чудно што жирито не е во непарен состав, но претпоставуваме дека на овој начин се очекува поголема веројатност за донесување едногласни одлуки.Инаку, сите четворица изразија задоволство што се избрани за жири на ваков престижен фестивал, особено поради неговото јубилејно издание и најавија совесно извршување на оваа одговорна задача.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера во Африка и во Португалија на „Јон Вардар“
Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ неделава ќе ја има својата афричка и португалска премиера на два значајни меѓународни фестивали.
Првата проекција ќе се одржи на Zuma International Film Festival во Абуџа, главниот град на Нигерија, што ќе биде воедно и афричка премиера на филмот. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова 15. издание се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“. Тематскиот фокус ја нагласува стратешката улога на кинематографијата во обликување на перцепциите, влијание врз глобалните општествени разговори и поттикнување културна размена.
„Јон Вардар против галаксијата“ пристигнува и на Азорските острови — филмот ќе се најде во изборот на 9. AnimaPIX во Португалија, каде што официјално ќе ја одбележи својата португалска премиера.
Анимапикс има репутација на фестивал кој го слави „детето во секој од нас“, со фокус на креативност, визуелна уметност и експериментални форми. Освен проекции, на фестивалот се одржуваат изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други форми на визуелната уметност.
„Јон Вардар против галаксијата“ е прв долгометражен македонски анимиран филм. Досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои 5 награди. Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Штркот Силјан вечерва ќе слета на Менхетн
Вечерва, во легендарниот IFC Center во Њујорк, ќе се одржи американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска. Публиката на Менхетн ќе има можност да го доживее ова ремек-дело од филм што веќе почна глобално да освојува, буди љубопитност кај критичарите, а раскажува една оригинална македонска приказна за штркот Силјан.
Веднаш по проекцијата, ќе следува разговор со публиката, на кој ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Jean Dakar (кинематографер и продуцент). Ова е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот, кој го инспирира целиот проект.
Филмот ја почна својата светска авантура во Венеција, каде што ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следувааа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на „Нешнал џеографик“ (National Geographic Documentary Films).
Овој филм е наш кандидат за „Оскар“ за категоријата најдобар странски филм, а токму „Нешнал џеографик“ го пријавува овој филм за трката за „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка повторно имаме шанса за двојна номинација за „Оскар“ поради Тамара Котевска.
Вечерашната американска премиера во IFC Center е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на „Силјан“.
Приказната за Силјан, човекот и штркот што создадоа нешто многу поголемо од случајна средба, вечерва го почнува својот најзначаен лет во САД.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.

