Култура
Изложба на фотографии „Пејзаж“
Утревечер во 20 часот, во Mултимедијалниот центар Мала станица, ќе биде отворена изложбата на фотографии од летната фото-школа во Маврово која се одржа во јули годинава
На изложбата насловена „Пејзаж“ ќе бидат прикажани 36 фотографии од 11 автори и ќе биде доделена наградата за најдобра фотографија. Наградата ќе ја додели петчлено стручно жири, а истата ја донира хотел „Алпина“ од Маврово. На фотографиите се прикажани мотиви од Мавровското езеро, планината Бистра, водопадот во близина на село Ростуше, селото Галичник, реката Радика и пештерата Шаркова дупка. Инструктори на школата беа Румен Ќамилов и Роберт Јанкулоски.Изложбата е во организација на Македонскиот центар за фотографија и Националната галерија на Македонија и ќе биде отворена до 10 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Нашата држава секогаш ќе го негува споменот на Тоше, рече Љутков од Крушево
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска го посети Крушево градот каде со пригодна програма под наслов „Ангел си ти” се одбележува 44. роденден на Тоше, на човекот кој со својата музика, љубов, добрина и хуманост го освои срцето на целиот Балкан.
„Денес, на 25 јануари, се сеќаваме на Тоше Проески, кој иако физички не е повеќе со нас, неговиот дух продолжува да живее во песните, спомените и љубовта што тој ги остави зад себе. Затоа во чест и слава на Тоше, токму на овој ден сум во неговото родно Крушево, го посетив семејството и положив свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, а ја посетив и Спомен куќата подигната во негова чест”, рече министерот Љутков.
Љутков истакна дека „Нашата држава секогаш ќе ја негува почитта кон Тоше, што се потврдува и со фактот дека Владата, од Буџетот издвои средства и за поддршка на иницијативата на Македонската радио-телевизија да снима игран филм, документарен филм и ТВ-серија во неколку продолженија за животот, делото и мисијата на нашата најголема музичка поп-ѕвезда”.
Според Љутков споменот на Тоше, кој ги обединуваше луѓето со својата музика продолжува да инспирира нови генерации, и преку неговите песни, засекогаш живее во нашите срца.
Македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.
Култура
Претставата „Народен пратеник“ се враќа на сцена во МНТ
Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, адаптирана и режирана од страна на Егон Савин.
Во оваа значајна премиера, на сцената ќе се појават актерите Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.
Режисерот Егон Савин, по подолг период, се враќа на сцената на МНТ. Ова е негова трета претстава во овој театар, а претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Од друга страна, Бранислав Нушиќ е еден од најпознатите автори кои често биле поставувани на сцената на МНТ, а „Народен пратеник“ претставува трета адаптација на оваа драма на Нушиќ. Првата премиера на оваа драма се одржала на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, додека втората беше поставена на 24 април 1993 година од страна на Димитрие Османли. Таа претстава беше една од најпопуларните и најдолговечните во историјата на МНТ, со вкупно 188 изведби, кои траеле до 2008 година.
Тимот за оваа продукција вклучува сценографот Весна Поповиќ, костимографот Роза Трајческа-Ристовска, преведувачката Загорка Поп-Антоска Андовска и дијалектната адаптација која ја направи Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, додека изборот на музиката е направен од самиот режисер.
Првата реприза на претставата е закажана за 30 јануари.
Култура
„Ангел си ти“ – Крушево со љубов и музика го слави роденденот на Тоше Проески
На Гумење во Крушево денеска ќе се одржи програма насловена „Ангел си ти,“ посветена на 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка икона Тоше Проески, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка, Хрватска.
Фанови од Македонија и странство пристигнуваат во Крушево за да го посетат вечното почивалиште на Гумење и Спомен домот „Тодор Проески,“ каде се изложени неговите лични предмети кои ја будат трајната љубов и почит кон Тоше. Верните обожаватели често велат: „Тоше има само ден на раѓање.“
Програмата започнува со традиционална крводарителска акција, која ќе се одржи од 9 до 16 часот во Спомен домот. Во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, ќе бидат положени цвеќиња од делегации и фанови на неговото вечно почивалиште.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ќе биде дел од одбележувањето, положувајќи цвеќе и посетувајќи го Спомен домот.
Напладне, во чест на Тоше, младите пејачи Нела Манческа и Дорис Димовска, заедно со бендот „Лок даун,“ ќе ги изведат неговите најпознати песни. Настапи ќе имаат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Бугарија, предводени од Аделина Колева.
Фановите и посетителите ќе имаат можност уште еднаш да се потсетат на огромниот придонес и вечното наследство што Тоше го остави зад себе.
Крводарителска акција во чест на Тоше во Скопје
Во холот на Домот на АРМ во Скопје денеска ќе се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.
„Во рамките на традиционалните крводарителски акции на ЦК на град Скопје е и акцијата која се организира во спомен на хуманоста на нашата ѕвезда Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме. Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост“, се вели во соопштението на Црвениот крст на Град Скопје.
Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5.500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.