Култура
Ретроспективна изложба на Трајче Јанчевски

Утревечер, 1 октомври, во Даут пашиниот амам во Скопје, свечено ќе биде отворена ретроспективната изложба на шестдецениското творештво на доајенот на македонското сликарство, Трајче Јанчевски
Шестдеценискиот јубилеј од творештвото на Јанчевски ќе биде одбележан со презентирање на над 150 дела (слики и акварели) од сите сликарски периоди.
Трајче Јанчевски (Куманово, 29 јануари 1928) спаѓа меѓу најзначајните македонски претставници на модерното сликарство, класифициран според критиката во оној тренд познат како „метафизичко сликарство“ или „магичен реализам“.
Дипломирал на Академијата за применета уметност и сценографија во Белград, 1954 година. Специјализирал во Париз 1964-65. Изложувал заедно со Пикасо, Марк Шагал, Хуан Миро, Руо, Брак, Леже и други. Во 1998 година добива Златен медал за француска заслуга и посветеност во име на културата и уметноста, доделен од Академијата за ликовна дејност и култура за Централна Европа во Париз, а Американскиот биографски институт го прогласува за еден од најголемите умови на 21-от век, во кој се вклучени 1000 генијалци, како Ајнштајн, Марк Твен, Мартин Лутер Кинг и други. Во Кембриџ, Англија е избран за еден од топ 100 уметници во доменот на сликарството. За него е пишувано во многу биографски изданија и книги од областа на ликовната уметност, меѓу кои: „Мајстори и уметници од светот на 20-от век“ на издавачката куќа „Монд“ од Париз, а истата куќа печати и поштенски картички со негово дело (1992); едицијата „Who is Who“ (1994/1995); „Златна книга на колекционери и љубители на уметноста“ со делото „Птичји ритуал“ (1993); едицијата „Who is Who“ го одбира за еден од светските уметници чие дело ќе биде печатено во специјални авторски изданија на поштенски марки, депонирани во поштенски музеи (1996/1997), итн.
На изложбата во Скопје ќе биде промовиран и луксузен монографски каталог за творештвото на Јанчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Филмовите на Кустурица на програмата на Кинотеката

Во мај 2025 година Кинотеката ја претвора својата проекциска сала во вистинско светилиште на сликата, мислата и сеќавањето. Богатата и внимателно курирана програма ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и да возбудува.
Со акценти врз авторски поетики, политичка историја и философска рефлексија мајскиот репертоар претставува редок пример на културна програма, која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација.
Балканот и сонот: Емир Кустурица
Програмата почнува со два антологиски филма на Емир Кустурица – „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои ја отелотворуваат неговата единствена авторска визија. „Подземје“ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде што реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. „Аризона дрим“, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот емигрант, обоена со магичен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно.
Ин мемориам: Џин Хекман
Во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, Кинотеката приредува омаж со проекции на два негови незаборавни филма: „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд. Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, а вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост.
Пазолини: Поетот на радикалното
Мајската програма вклучува и ретроспектива на култниот италијански режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.
Солидарност на големото платно: Полската совест
Во соработка со Амбасадата на Полска, Кинотеката претставува избор на филмови со наслов „Солидарност на големото платно“, посветен на едно од највлијателните демократски движења во Источна Европа. Преку дела на Кшиштоф Кишловски, Агњешка Холанд и посовремени автори гледачите ќе може да ги почувствуваат драмите на политичката совест, отпорот и колективната меморија. Овој циклус не е само историска ретроспектива – тој е и потсетник на улогата на филмот како сведок и фактор на општествени промени.
Во рамките на мајскиот циклус „Солидарност на големото платно“, Кинотеката на Македонија со гордост ќе ги угости двeте извонредни имиња од современата полска документаристика – режисерот Куба Микурда и визуелната уметница и филмска монтажерка Лаура Павела.
Куба Микурда е полски режисер и филмски теоретичар, чија работа се одликува со уникатна психоаналитичка перспектива и иновативен пристап кон архивските материјали. Иако нема формално филмско образование, неговата стручност произлегува од современата психоанализа – како поранешен студент на Славој Жижек, тој е автор на книга за поимот „не-се-сè“ кај Жак Лакан. Микурда е автор на високо оценетите документарци „Love Express: Исчезнувањето на Валеријан Боровчик“ (2018), „Бегство на сребрениот глобус“ (2021) и „Соларис, моја љубов“ (2023), а предава и на престижната Филмска академија во Лоѓ.
Павела, пак, е визуелна уметница, скулпторка и монтажерка со богато искуство во областа на уметничкиот и документарниот филм. Таа е авторка на многубројни изложби во Полска и светот и предавачка на предметот found footage на филмска академија. Павела е долгогодишна соработничка на Микурда со кого го има снимено филмот „Соларис, моја љубов“, а заедно со Изабела Пајонк беше номинирана за престижната награда „Орел“ за монтажата на „Бегство на сребрениот глобус“ во 2022 година. Нејзината работа се одликува со префинето чувство за асоцијативна монтажа на архивски материјали – тема на нејзините неодамна завршени докторски студии.
Култура
Распишан конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по осми пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик.
Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Поезијата може да се испраќа до 10 мај 2025 година.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претствник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.
Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели летово, 2025 година во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
Култура
Драмскиот театар не ја додели наградата „Горан Стефановски“

Драмскиот театар Скопје не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години.
По воспоставувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава првпат беше распишан конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.
На конкурсот пристигнаа четири апликации и комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализата на доставените дела, едногласно одлучи наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години да не се додели.
Во образложението што го прочита претседателката на комисијата, Викторија Рангелова-Петровска, се вели: „На конкурсот за наградата ‘Горан Стефановски’ за најдобар драмски текст од млад автор распишан на 5 февруари 2025 година доставени се четири драмски текста од четири автори. Комисијата аналитично и детаљно ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите во согласност со објавениот конкурс. Авторите на доставените драмски текстови обработуваат разни теми, инспирирани од разни општествени состојби. По формата и структурата драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат до крај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег, напротив. Комисијата верува во потенцијалот и во квалитетот на младите автори, како и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови и со нетрпение ги очекува во периодот што следува и во таа насока предлага да се објави нов конкурс со датум од 28.4.2025 година, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови најдоцна до 1. 2.2026 година. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 27.4.2026 година, денот на раѓањето на Горан Стефановски“.
Директорот на Театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата во оваа прва година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази верба дека преку распишувањето на конкурсот и во годините пред нас ќе се популаризира наградата „Горан Стефановски“ и ќе се привлечат многу млади автори да се пријавуваат со цел да се афирмира современата македонска драма, да се поттикне македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.