Култура
Манаки – Ден четврти: Сепак се движи

Вчера од Битола си замина прославената шпанска артистка Викторија Абрил. Со својата весела природа и шарм ги освои и битолчани и гостите на фестивалот
Оваа харизматична актерка од голем калибар внесе свеж здив на јубилејното 30-то издание на фестивалот. Тоа што новинарите останаа без можност за поединечни интервјуа се должеше на нејзината желба (и на организаторот) да и овозможат за време на нејзиниот четиридневен престој темелно да ја запознае Македонија.Вчера, во документарната селекција беа прикажани два среднометражни филма од македонски автори: „Чедо“, на Аљоша Симјановски и ,,Оган и вода,, на Киро Урдин. Обата филмови се веќе наградувани на меѓународни фестивали а проекциите се одржаа во преполната мала сала на домот на културата и од присутните беа наградени со долготраен аплауз. Сепак, остана отворено прашањето зошто овие два филма не беа во натпреварувачката селекција!Вечерта од главната програма беа прикажани: Рускиот „Цар“ во режија на се поценетиот Павел Лунгин („Остров“) и непомалку значајниот кинематографер, американецот Том Стерн, човек кој е познат по соработката со Клинт Иствуд (,,Мистична река“, ,,Девојка од милион долари“, ,,Гран Торино“,). ,,Цар“, е филм за голготата на Рускиот народ под тиранијата на Иван Грозни (16 век). И покрај бројните масовни сцени ,,Цар“, според својата структура е крајно клаустрофобичен и камерен филм. Токму тоа им дало шанса на актерите (особено на главниот лик – Иван Грозни кој го толкува Пјотр Мамонов)да остварат блескави креации. Сценографијата, костимите и вкупната атмосфера на платното создаваат впечатлива ,,реалистичка илузија“. Оценка-8. Кандидат за награда.Вториот синоќешен филм „,Каталин Варга“ (Романија, Англија, Унгарија) може да се смета за успешно деби на англискиот режисер Питер Стрикланд. Визуелниот дел од филмот, дело на кинематограферот од Унгарија, Марк Гиур, е подобрата страна на ова остварување. Лично не би типувал за награда на овој филм Оценка-6.Денес не очекуваат мастеркласови со лауреатите Питер Сушицки и Били Вилијамс. Проекции на филмовите на кои тие се потпишани како сниматели, ќе има во петок („,Валентино“, 1977 г., Сушицки) и во сабота (,,На златното езеро“, 1981г., Вилијамс).Инаку, дилемата како е можно четиричленото фестивалско жири да донесува одлуки во парен состав, е решена така што претседателот на жирито во случај на спорни 2:2 има право на уште еден глас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Спуштена завесата на јубилејното 65. Охридско лето

Бурни овации за европската премиера на „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски која вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ го затвори 65. „Охридско лето“.
Изведбата на претставата, не само што се истакна со својата оригинална интерпретација на оригиналот на Софокле, реализирана на квадратно платно, туку понуди и уникатно искуство покажувајќи како театарот може да се спои со аудио-визуелната технологија за да се прошири во бескраен простор.
Петте актери со целото свое тело ја изразуваа режисерската намера во краткорочната соработка со режисерот и тимот од различна јазична и културна средина, притоа изразувајќи ги емоциите на своите ликови. Тие не само што ги одиграа своите улоги, туку и се усогласија со технологијата. Во епилогот, режисерот сакаше да пренесе порака за мир и помирување, а не за војна или одмазда, преку ликот на Електра.
„Приказната за Електра“ е копродукциски проект на „Охридско лето“, Театарската асоцијација на Јужна Кореја и АРТЕМА.
Годинава, „Охридско лето“ понуди уникатна програма која привлече голем број посетители. На фестивалскиот репертоар беа 28 настани од областа на класичната музика, седум театарски претстави, а во дополнителната програма и ликовна изложба и проекција на филмови. На сцените на фестивалот, Антички театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, на Долни Сарај, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и во „Форт кафе“ под Самоиловите тврдини продефилираа над 1000 извонредни уметници од САД, Чешка, Франција, Австрија, Литванија, Турција, Молдавија, Германија, Полска, Грција, Холандија, Израел, Хрватска, Црна Гора, Кина, Велика Британија, Србија, Русија, Швајцарија, Шпанија, Унгарија, Јужна Кореја и Македонија. Според резервациите за билети, во публиката имаше и бројни посетители од над 30 земји од сите континенти.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски е задоволен од посетеноста на годинешното јубилејно издание на фестивалот и од реакциите на публиката.
-Воодушевен сум, пред сè, од реакциите на публиката затоа што освен спектакуларното отворање, распродадени бевме секоја вечер. Тоа е показател дека се исплаќа трудот што сме го вложиле при креирањето на програмата и при нејзината реализација од страна на целиот тим на „Охридско лето“. Со оглед на тоа што и за отворањето на фестивалот на 12. јули, Охрид беше делумно празен, нашите сцени беа постојано полни. Тоа значи дека фестивалот сам по себе привлекува туристи, а тоа било и неговата намена при формирањето заедно со уште неколку фестивали во поранешна Југославија. Сметам дека „Охридско лето“ кога има квалитетна програма, има и што да понуди. Има туристи кои посебно доаѓаат во овој период за да слушнат квалитетна класична музика и да гледаат врвни театарски претстави, вели Цуцковски.
Според него, квалитетот на програмата и реномето на фестивалот ќе бидат задржани и надградени во при следното 66.фестивалско издание.
-Јас како раководител на национална установа којашто треба да ги штити трајните вредности, секогаш ќе се борам за квалитетот и за врвната уметност, класичната музика и драмските претстави, за да го зачуваме нивото на фестивалот кое е негувано и одржувано 65 години, да продолжиме да го надградуваме и да оставиме на идните поколенија да има со што да се гордеат, додава директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Покровител на „Охридско лето“ е Претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот е финансиран од Владата преку ресорното министерство за култура и туризам.
Култура
„Балканкан“ прослави 20 години со проекција под отворено небо

Со специјална проекција под ѕвездено небо на Rooftop Open Air Cinema, во организација на „Скопје сити мол“ и „Синеплекс“ и во соработка со Кинотеката на Македонија, синоќа беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Балканкан“ во режија на Дарко Митревски.
На настанот присуствуваше дел од филмската екипа, актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од „К15“ – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот, Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации, Роберт Јазаџиски, и Зоран Ристески, продукциски менаџер, како и пријатели на филмот, и многу јавни личности од македонската сцена.
Режисерот Митревски, кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги собори сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и од Словенија, со видеопорака се обрати до присутната публика од елитната холивудска населба Малибу.
Во видеопораката накусо ја раскажа приказната за македонската урбана легенда за лошата баба завиткана во килим, која е лајтмотивот околу кој потоа се развива приказната на целиот филм.
„Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко. За на крај, откога филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран во светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес, кој вели дека постојат приказни што им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму ним им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна и од Бионсе и од Тејлор Свифт заедно. Таа баба на ‘Балканкан’ му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД-примероци“, вели Митревски, додека во заднина се гледаат долгата плажа и тиркизниот океан, а потоа неочекувано го сврте ракурсот на камерата, каде што сè уште се гледаат урнатините во Малибу, кој изгоре во стравотните пожари годинава и додаде:
„Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа на баба Зумбула и на ‘Балканкан’ им посакувам да ни бидат вечни и вековити“.
По проекцијата, следуваше кратка сесија разговори со дел од актерската екипа, во која беа споделени анегдоти, спомени и емотивни моменти од снимањето. Настанот заврши со коктел под отворено небо – вистинско филмско славење, проследено со неформално дружење.
Поради голем интерес на 22 август (петок) во 21 часот, „Балканкан“ ќе биде повторно прикажан на Rooftop Open Air Cinema.
Култура
Сиљановска-Давкова ќе ги отвори 64. Струшки вечери на поезијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва ќе се обрати и ќе го отвори 64. издание на Струшките вечери на поезијата, коешто се одржува под нејзино покровителство.
Во рамките на свеченото отворање на фестивалот ќе бидат одржани „Поетските меридијани“, коишто ќе започнат со претставување на добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка.
На Меѓународното поетско читање на првата фестивалска вечер ќе настапат добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година – Катица Ќулавкова, годинашниот добитник на наградата за најдобра поетска збирка на поет-дебитант од светот „Мостови на Струга“ – Матеуш Шимчик, како и 20 еминентни поети од 17 земји.
Манифестацијата ќе започне во 20:30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.