Култура
Министерката Канческа се обрати на Генералната конференција на УНЕСКО
Министерот за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, м-р Елизабета Канческа-Милевска, денеска (7 октомври) се обрати на главната пленарна седница на 35-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, кое од 6 до 23 октомври се одржува во седиштето во Париз
Канческа-Милевска, која е и шеф на делегацијата составена од претставници на Министерствата за надворешни работи, за образование и наука и за животна средина и просторно планирање, во своето обраќање пред претставници на над 200 членки на УНЕСКО го истакна задоволството што Република Македонија е рамноправно вклучена во благородните активности и цели на УНЕСКО и што има можност, со другите членови на оваа голема организација, заеднички и на демократски начин, со заемно почитување, да ги продлабочува пријателските и хуманите односи меѓу луѓето без оглед на нивната национална, верска и полова припадност. Министерката за култура го потенцираше големото значење на поддршката што ни ја даде УНЕСКО за организацијата на: првиот регионалниот самит на претседатели на држави „Дијалог помеѓу цивилизациите” во Охрид 2003 година, Третата регионална министерска конференција за културно наследство во Охрид во 2006 година и Првата светска конференција за дијалог помеѓу религиите и цивилизациите во 2007 година, како и поддршката за „Концертот за мир“ кој се одржа во престижниот театар „Ла Фениче“ во Венеција.„Република Македонија дејствува на просторите на Југоисточна Европа во духот на идеалите на УНЕСКО и во овие две децении од прогласувањето на независноста, преку голем број активности ги афирмира суштинските начела на визијата за иднината на човештвото, подвлечени во капиталните резолуции на УНЕСКО“, истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека навистина е од големо значење фактот дека Втората конференција за меѓурелигиски дијалог, која ќе се одржи од 6 до 9 мај наредната година, ќе се реализира во рамките на Декадата на ООН и на УНЕСКО за дијалог помеѓу цивилизациите. Во оваа пригода, министерката за култура му се заблагодари на досегашниот генерален директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура, за неговите заложби во отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство, во Скопје, како и за големата поддршка што Република Македонија постојано ја добива од оваа организација. Канческа – Милевска утре (8 октомври) ќе оствари официјална средба со досегашниот генерален директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура, на која ќе се разговара за финансиската помош што ја најави УНЕСКО, а се однесува на Втората светска конференција за дијалог помеѓу религиите и цивилизациите која ќе се одржи следната година во Охрид, за одбележување на јубилеите 100 години од раѓањето на Мајка Тереза и 50 години „Струшки вечери на поезијата“, како и експертската поддршка за неколку археолошки локалитети во нашата земја.Канческа-Милевска утре, исто така, ќе се обрати на Пленарниот форум на министри на тема „Инвестирање за излез од кризата и постигнување на меѓународните развојни цели – преку активности во образованието, науката, културата, комуникациите и информациите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вечер на новоприбрани архивски материјали во Кинотеката
На 27 декември, сабота, со почеток во 20 часот, во Кинотеката ќе се одржи Вечер на новоприбрани архивски материјали, во која ќе бидат прикажани дел од филмовите набавени во 2025 година преку откуп на материјал или меѓу-архивска размена. Проекцијата на оние филмски материјали кои намаат звук ќе бидат прикажани со музичка придружба во живо на ИВЛ.
Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Филмскиот архив (односно Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали) при оваа институцаја е токму прибирањето на филмови и филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотеката години наназад води истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.
Вечерта на 27 декември, сабота, ќе бидат прикажани дел од набавените архивски материјали – репортажите на „Филмске новости“ и патеписната репортажа „Од Сава до Вардар“ преземена од Белгискиот филмски архив.
Музичка придружба: ИВЛ.
Влезница: 150 мкд.
Култура
„Виртуози на хорна“ – завршен концерт на јубилејното издание на Скопскиот брас-фестивал
На 29 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во малата сала на Филхармонија ќе се одржи концертот „Виртуози на хорна“, последниот настан од петтото јубилејно издание на Скопски Брас Фестивал.
Покрај домашниот хорнист Благоја Василевски, на концертот ќе настапат и реномирани музичари од регионот: Михајло Булајиќ, прва хорна во Лондонски симфониски оркестар и Оркестарот на РТВ Словенија, Никола Чириќ, прва хорна во Белградска филхармонија, Илир Кодима, прва хорна во Косовска филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Тирана, како и Милан Роксандиќ од Театарот во Нови Сад.
Настанот претставува пример за меѓународна соработка и културна размена, со фокус на камерната музика за хорни и современ пристап кон брас сцената во регионот. Публиката ќе има можност да слушне програма што ги истакнува изразните можности на инструментот, со дела од класичниот репертоар и божиќни аранжмани за ансамбл хорни.
На програмата се најавени „Унгарска рапсодија бр. 5“ од Јоханес Брамс, „Радецки марш“ од Јохан Штраус, како и избор на божиќни композиции во аранжмани за хорни.
Култура
Белград се сеќава на Зафир Хаџиманов: музичка вечер во македонскиот КИЦ
Македонскиот КИЦ во Белград во своите простории на Македонска 30, на 26 декември 2025 година во 19 часот, организира музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов.
Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање кон големиот бард на културата Зафир Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.
„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми.
Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов, ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.
Зафир Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го добиле синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар. Значаен е како пејач кој настапувал на голем број фестивали, композитор, поет и актер, со препознатлив придонес во македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми. Во 1991 година, Хаџиманов бил еден од основачите на друштвото за македонско-српското пријателство „Шар Планина“ и на здружението на Македонците во Белград, „Македониум“. Поради неговите заслуги за промоцијата на македонската култура во Србија, во 2007 година, тој бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година, на 77-годишна возраст, од компликации предизвикани од Ковид-19. Постхумно беше одликуван со „Златен медал за заслуги“ од претседателот на Србија, како и со „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски, за неговиот исклучителен придонес во уметничкото и музичкото творештво.

