Култура
Помош од УНЕСКО за неколку културни настани
Република Македонија ќе добие финансиска поддршка од УНЕСКО во висина од сто илјади американски долари за реализирање на неколку меѓународни настани
Втората конференција за дијалог помеѓу религиите и цивилизациите која наредната година ќе се одржи во Охрид и јубилеите „100 години од раѓањето на мајка Тереза“ и 50. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ се настаните кои наредната година ќе бидат поддржани од УНЕСКО. Ова и‘ беше соопштено на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Париз на официјалната средба со генералниот директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура. Министерката за култура, на средбата, презентирајќи ги активностите на Министерството за култура, му се заблагодари на досегашниот генерален директор Мацура, за неговите заложби во отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство во Скопје, како и за големата поддршка што Република Македонија постојано ја добива од оваа организација. Канческа-Милевска, меѓу другото, го презентираше и проектот „Опсерваторија Кокино“ и ја побара поддршката оваа значајна опсерваторија да се најде на листата на УНЕСКО.Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска во Париз оствари средба и со Бугарката Ирина Бојкова, која од ноември ќе го наследи досегашниот генерален директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.
Култура
Месецот на Пучини во Националната опера и Балет ќе се затвори со операта „Турандот“
Месецот на Пучини во Националната опера и балет ќе се затвори со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини на 29 ноември со почеток во 20.00 .ч.
Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, ќе се изведе на сцената на МОБ под диригентската палка на гостинот од Италија, Роберто Џанола (Италија), режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор-мајстор: Ѓургица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.
Настапувa врвна солистичка екипа: Хан Јинг Цо (Кина / Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја) ,Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).