Култура
Промоција на новиот албум на „Љубојна“ вечерва во „Сопотско“
Во мезе-бар „Сопотско“ вечерва, 19 часот, официјално ќе биде промовиран третиот по ред албум на „Љубојна“, „Песна за мојата песна“
Албумот официјално беше пуштен во продажба во почетокот на месец август. Албумот целосно се одликува со делото на македонскиот литературен гигант Петре М. Андреевски. Во нецели четириесетина минути се забележани седум авторски композиции, што како изведувачи ги потпишуваат Вера Милошевска (вокал), Оливер Јосифовски (контрабас), Бојан Петков (гитара), Благојче Трајковски (кларинет), Најдо и Демир Шаќирови (тапани, тарабука и удиралки) и диџеј Јордан (грамофони). Материјалот чиј автор е Јосифовски (освен „Мртва сабота“, која заеднички ја компонирале со Петков) е сниман во текот на мај годинава во Џез ФМ, мастерингот е дело на Кокан Димушевски, а обвивката е на ликовниот уметник Сергеј Андреевски. Инаку, „Песна за мојата песна“, „Ти реков ми рече“, „Кај ме сретна“, „Поплака за себе си“, „Мртва сабота“, „Отаде и одовде“… настанаа за потребите на театарската претстава „Сите лица на Петре М. Андреевски“, која режисерот Владо Цветановски минатата година ја постави на сцената на Драмскиот театар. Концертно првпат беше промовиран на овогодинешното издание на Off-fest.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.
Култура
Месецот на Пучини во Националната опера и Балет ќе се затвори со операта „Турандот“
Месецот на Пучини во Националната опера и балет ќе се затвори со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини на 29 ноември со почеток во 20.00 .ч.
Спектакуларната продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, ќе се изведе на сцената на МОБ под диригентската палка на гостинот од Италија, Роберто Џанола (Италија), режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор-мајстор: Ѓургица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.
Настапувa врвна солистичка екипа: Хан Јинг Цо (Кина / Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја) ,Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).