Култура
Во четврток стартува Скопскиот џез-фестивал
Дваесет и осмото издание на Скопскиот џез-фестивал оваа година ќе се одржи од 22 до 26 октомври. Домот на армијата, Универзалната сала, Македонската опера и балет и ноќниот клуб „Хард рок“ се локациите каде што во овие пет фестивалски денови ќе се движи Скопје
Скопскиот џез-фестивал, не отстапувајќи од својот концепт од изминатите неколку години, и овојпат нуди навистина квалитетна програма и имиња кои премиерно гостуваат во Скопје, имиња од постарата и средна генерација на џез-музичари како саксофонистот Џејмс Картер, пијанистот Бред Мелдау, џез-иноваторот Џон Хасел, триото на Чик Кориа, Стенли Кларк и Лени Вајт…
Фестивалот ќе биде отворен со македонската лајв-промоција на албумот „Амам“ на македонско-италијанскиот проект „Скопје конекшн“ – Џијан Емин (хорна и мелодион), Георги Шарески (акустична гитара) и Лука Акуино (труба и флугелхорн) во Домот на армијата. По концертот на „Скопје конекшн“ во клубот „Хард рок“ ќе биде промовирано новото издание на Скопскиот џез-фестивал, „Jazz from Macedonia“, кое е наменето пред се‘ за странскиот пазар. Во „Хард рок“ ќе настапат дел од изведувачите на ова издание – квартетот на Георги Шарески, „Тони Китановски трио“ и други. Вечерта насловена „Жени во џезот“ во Универзалната сала ги носи пијанистката Аки Такасе и групата на популарната џез-перкусионистка Мерлин Мазур. Третиот ден на Фестивалот е резервиран за триото на пијанистот Бред Мелдау и саксофонистот Џејмс Картер со својот квинтет во Универзалната сала. Претпоследната вечер е посветена на четириесетгодишнината на култната џез-етикета ЕСМ со два специјални концерта на сцената на Македонската опера и балет – уникатниот норвешки двоец Арве Хенриксен/Јан Банг и Џон Хасел со проектот „Maarifa Street“.Хенриксен соработувал со голем број музичари како Дејвид Силвијан, Џиван Гаспаријан, Џон Хасл, Хоуп Сандовал и други, како и на најразлични проекти со бројни импровизирачки состави. Еден од најдобрите светски пијанисти и клавијатуристи, Чик Кориа, по вторпат ќе настапи на Скопскиот џез-фестивал, но овојпат со своето извонредно трио „Power of Three“, заедно со Стенли Кларк и Лени Вајт. На последната вечер на фестивалот оваа супергрупа ќе понуди звучно истражување почнувајќи од џезот со вообичаениот свинг, до тврдиот и силен фјужн.Полноќните програма во ноќниот клуб „Хард рок“ оваа година ќе донесе неколку значајни имиња од современата џез-сцена. Првата вечер италијанскиот саксофонист и композитор Микеле Полга со својот квартет ќе го претстави својот штотуку објавен албум „Clouds over Me“.Новата американска музичка ѕвезда Хозе Џејмс во Скопје доаѓа со својот квартет, а концертот се совпаѓа со излегувањето на неговиот втор албум „Black magic“ , оригинален спој на џезот, хип-хопот и блузот.Во Хард рок ќе гостува и едно од водечките имиња на современата бразилска музика Чико Пињеиро со својата „Banda“, извонреден гитарист кој негува огромни симпатии кај критиката и публиката.„Програмата годинава е на исто ниво како во изминатите години и се задржува на оној концепт кој досега го имаме. Гледавме кои од големите џез-музичари од постарата и од средната генерација сè уште не сме ги имале во Скопје, иако условно од популистички причини треба да ги повторуваме што повеќе оние кои биле затоа што така е најлесно да се наполни сала“, вели Оливер Белопета, директор на Фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски
Во Шибеник, Хрватска во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски (2-8 декември 2025 година). Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, со покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската влада.

На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Посебно е поздравена ликовната рецензија која ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.

„Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допир кога се гледаат неговите слики во комбинирана техника, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски, кој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимно, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот“, напиша меѓу другото Османли во рецензијата.

Честитки по повод изложбата упатија Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…

Култура
Браќата Дарден, македонска копродукција и концерти вечерва на „Синедејс“
Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.
Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.
„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.
Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.
Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:
Кратки филмови
17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина
Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина
Официјална конкуренција
Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај
Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека
СЕЕ
ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека
ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.

