Култура
Кафка повторно помеѓу Израел и Германија

Израелската национална библиотека побара од Музејот на модерна литература во Марбах, Германија, да го предаде оригиналниот ракопис од расказот „Судење“, со цел да се исправат некои „историски неправди“
Ракописот бил продаден на аукција на Сотби во 1988 година за скоро 2 милиони долари на Владата на Германија. Националната библиотека во Ерусалим бара „Судење“ да биде вратен во Израел, како што барал Макс Брод, пријател на Кафка и публикувач на неговите дела. „Националната библиотека на Израел, која е библиотека на сиот еврејски народ, се води според волјата на Макс Брод кој во својот тестамент бара сите документи да бидат сместени во јавна архива и ја наведува токму израелската библиотека како прва опција“, изјавил Мер Хелер, адвокат на библиотеката. Улрих Раулф, директор на Германскиот литературен архив, смета дека ракописот во 1988 го добиле легално и пред очите на светската јавност и нема кому да му се враќа овој ракопис.Франц Кафка (3 јули 1883, Прага – 3 јуни 1924, Виена) е еден од главните писатели на германски јазик од 20-иот век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно. Кафка во својот живот објавува само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво. Но, пред да почине тој го упатува својот пријател Макс Брод да ги уништи сите негови ракописи. Неговата љубовница Дора Диамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања. Голем дел од неговите последни ракописи, вклучувајќи 20 тетратки и 35 писма таа тајно ги задржува се‘ додека не се конфискувани од Гестапо во 1933. Се‘ уште се во тек неколку интернационални барања кои се спроведени за да се пронајдат овие изгубени текстови на Кафка. Брод ги прекршува упатствата на Кафка и ги прегледува публикациите на поголемиот дел од текстовите што ги поседувал, и наскоро овие текстови започнуваат да привлекуваат внимание и високи критички оценки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.