Култура
„Три во едно“ – мултидисциплинарна вечер за затворање на „LocoMotion“

Фестивалот на современ танц „LocoMotion“ се затвора утревечер во МНТ – Центар, со швајцарската трупа „Линга“
Последната вечер на „LocoMotion“ е замислена како мултидисциплинарен настан со видео, современ танц и хип-хоп музика. Во 19 часот ќе биде прикажан филмот „Тајни на тезга“ на Елоди Понг (Швајцарија), прикажуван на голем број фестивали и музеи низ светот и добитник на награди како Viper Award и Re:view Film & Videо Award од музејот Мигрос.Во 20 часот ќе биде изведена танцовата претстава „no. thing“, дело за шест танчери, на кореографите Катажина Гдањец и Марко Канталупо. Настапуваат: Жерал Дуранд, Давид Гернез, Аи Којама, Хјекјонг Ким, Филип Лебар и Мари Урвој. Трупата Линга на Гдањец и Канталупо од 1993 година до денес се разви во уметнички ентитет со светски признат талент на меѓународната танцова сцена. Во 21 часот следува настапот на Роберто Гариери и диџеј Игл со нивниот хип-хоп проект „Рап титан“. Оваа музичка претстава е за една култура создадена од кошмарот на урбаниот свет, а учествуваат и локални хип-хоп танчери.
Фестивалот „LocoMotion“ под мотото „Движењето како значење“ оваа година се одржуваше на повеќе локации низ Скопје, во организација на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Програмата на фестивалот опфати актуелни и иновативни дела од кореографи и танцови групи од Германија, во соработка со Франција, Швајцарија, Словенија, САД, Бугарија и Македонија. Фестивалот се реализираше во рамките на проектот Градина на Европа, како дел од активностите на НОМАД танц академија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.