Култура
Културно лоби за Западен Балкан
Британскиот совет во Белград во август оваа година го покрена проектот „Културно лоби“ кој се финансира од регионалниот Фонд за уметничка соработка во Југоисточна Европа
Носител на проектот е невладината организација „Киоск“ од Белград, а во соработка со уметнички организации од Загреб, Тирана, Приштина, Подгорица, Битола, Сараево и Лондон од 1 септември беа ангажирани по двајца уметници од земјите од Западен Балкан кои патуваа во соседните земји и спроведуваа истражувања, засновани на субјективните ставови на граѓаните.Александар Гроздановски и Љупчо Темелковски од Македонија, дипломирани фотографи кои работат во сферите на видео арт, експрериментален филм и интердисциплинарни уметности, вршea истражување во Србија. Од 15 септември до 1 октомври 2009 година визуелните уметниците Леонард Килафи и Арманд Хабазај од Албанија ги документираа гледиштата на жителите на Македонија. Собраниот визуелен и аудио материјал ќе претставува барометар на грижите, стравовите и аспирациите на жителите од регионов. Воедно ќе биде поттик за учество на граѓаните во создавање на алтернативна културолошка историја во форма на уметничко дело. На овој начин проектот треба да ја стимулира регионалната соработка и да го промовира меѓусебното разбирање. „Културно лоби“ има за цел да креира вредна архива, за во иднина преку бележење на еден специфичен момент во регионот, идната публика да може одново да го посети и физички и виртуелно. Резултатите ќе бидат дел од културното наследство на регионот и ќе можат да дадат придонес во современата уметност.Резултатите ќе бида објавени во 2010 година во вид на книга и GPS мапа. Проектен партнер од Македонија е Центар за современа јавна уметност „Елементи“ од Битола, непрофитна платформа за современа уметност кој креира и организира разни програми и случувања во Македонија и странство. Своите ставови и гледишта може да ги оставате на веб-страницата www.theculturelobby.com.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.