Култура
Ноќи без интерпункција во битолски „Де Ниро”
Целиот ноември ќе се одржува манифестација на која не само што ќе се испробуваат новите триесетина специјалитети на локалот преку посебни тематски кулинарски ноќи сопственикот, туку и многу културни активности
„Де Ниро” е единствен и по вкус и по квалитет, но и по естетика и сето она што го одбележува убавото и вредното.Топлината која зрачи од сите кој го сочинуваат „Де Ниро” дава нишка повеќе дека уникатното и оригиналното може да се почувствува само тука, во “Де Ниро”. Затоа, одбележувањето на 15-годишното постоење на хотел и ресторан „Де Ниро”, минува со безброј културни настани.Не можам, а да не бидам присутен во избалансираната хармонија која овозможува силно експресионистичко чувство, во кое и најмалиот дел од човековото тело наоѓа свое задоволство. Премали се зборовите, за сето она убаво што може да се доживее во „Де Ниро”, за она што значи „Де Ниро” од првиот човек, па се’ до помошниот персонал.Можеби и затоа сиве овие 15 години уживаме во вештините и мајсториите, во насмевките и топлите прегратки на сите оние што се дел од „Де Ниро”. А зошто е тоа така? Затоа што „Де Ниро” е „Де Ниро” и затоа што сите сетила што човек може да ги спознае, лесно може да ги најде во „Де Ниро”. И утринското кафе кога се пие, се пие со добра мисла, со позитивна енергија, со мерак, што значи, овде баналности нема, овде се’ е изградено до совршенство, каков што впрочем и денот треба да ти започне, совршено убаво.Навистина, 15 години не се малку, затоа што во оваа деценија и половина, човек постојано можеше да ужива во целиот тој единствен и уникатен амбиент, надополнет со хармонијата на најубавите кулинарски специјалитети, што ги има само тука.„Де Ниро” е жива енциклопедија, затоа што постојано ги заживува спомените за старо-новите познанства, другарувања, љубови. Само колку девојки “паднале” на кулинарските вештини на готвачите, па чиниш дека нивните момци се љубоморни на сите оние убави вкусови што можат да се почувствуваат во „Де Ниро”.И за да се зачуваат сите тие убавини, сите оние несекојдневни моменти, но и да се доживеаат и сознаат уште поубавите иднини кои допрва ни доаѓаат, сопственикот на хотелите и рестораните „Де Ниро”, Драги Филевски и неговата прекрасна сопруга Силвана, ги изградија цврстите темели на иднината, но и обајцата не сакаа да се заборават така едноставно вложените 15-години во препознатливоста, во имиџот, во сублиматот на експресијата, во совршенството на „Де Ниро”. Затоа тие, овој ноември, четири седмици со ред организираат една долготрајна манифестација, во која не само што ќе се испробуваат новите триесетина специјалитети на „Де Ниро”, кој ќе ги приготвува преку посебни кулинарски ноќи сопственикот Драги Филевски, кои ќе се најдат во менито, туку и безброј културни активности, со кои ќе бидат проткаени, ако може така да се рече, ноќите без интерпункција.А зошто ноќи без интерпункција? Затоа што овие четири седмици недели во “Де Ниро” ќе има театар, поезија, песна старогратска, и ќе се ужива и живее како во старите добри конзулски денови на Битола.Ете накусо, тоа е “Де Ниро”, место каде што поетите ќе ги пишуваат и говорат своите песни, актерите ќе се подготвуваат за театарските премиери, ликовните уметници ќе ги прават своите скици пред да ги насликаат платната. И колку што во нив е силна и вечна боемијата и уметноста, толку е силно и вечно, “Де Ниро”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

