Култура
„Точка“ вечерва во Загреб

Во склоп на програмата „Točka u Booksi“, вечерва во Загреб ќе биде претставено македонското здружение на граѓани „Контрапункт“ и Културниот центар „Точка“
Оваа програма, стартувајќи од 2007 година во Хрватска започна со претставување на книжевно-уметнички сцени кои во своите средини собираат различни уметнички профили и чиј концепт на дејствување е јасно насочен кон локалната заедница. Прв кој беше претставен во Загреб беше клубот „Локатор“ од Краков, потоа една екипа од активисти, теоретичари, филмаџии, музичари и книжевници под името Mute од Лондон и сега „Контрапункт“ и културниот центар „Точка“ од Скопје.Работата на „Контрапункт“ и „Точка“ ќе ја претстават Искра Гешоска, извршен директор и Владимир Јанковски, програмски уредник. Здружението на граѓани „Контрапункт“ е регистрирано во Скопје во декември 2001 година. Негови основачи се: Никола Гелевски, Искра Гешоска, Александра Бубевска, Беди Ибрахими, Жарко Трајановски, Роберт Алаѓозовски (Валандово) и Никола Маџиров (Струмица).Јадрото на луѓето околу „Контрапунт“ се активни од почетокот на деведесеттите меѓу другото и со:-издавање на магазинот „Маргина“ кој од 1994 излегува четири пати годишно, објавувајќи текстови претежно од странски но и од домашни автори од областа на теоријата на културата, културната политика, глобализацијата, феминизмот, уметноста и литературата…-организирање локални и регионални настани (од 1998);-изведување на проектот „Ширење на маргините“ (2000-2002);-водење на Културниот центар „Точка“ (од мај 2002) и водење на издавачката куќа „Темплум“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.