Култура
Нови изданија од „Блесок“ во претпродажба
Културната установа „Блесок“ до 8 декември повторно нуди две свои нови изданија во претпродажба – книгата хаику „Ноќва снегов мириса на тебе“ од Јосип Ости и збирката раскази „Да се насмее пес“ од Оља Савичевиќ-Иванчевиќ, по цена од 99 денари
Јосип Ости, поет, прозаист, есеист, книжевен критичар, антологичар и преведувач, роден е на 19 март 1945 г. во Сараево, каде што дипломирал на Филозофскиот факултет. Бил уредник за култура на студентското списание „Наши дни“, уредник во издавачката куќа „Веселин Маслеша“, секретар на Подружницата на книжевниците на градот Сараево и директор на Меѓународната книжевна манифестација „Сараевски денови на поезијата“, секретар на Друштвото на писателите на БиХ, претседател на Друштвото на книжевни преведувачи на БиХ и лектор/коректор во издавачката куќа „Светлост“. Живее како слободен уметник во Томај, Словенија. Досега објавил дваесет и пет книги поезија (последните осум ги напишал на словенечки јазик), три книги проза, тринаесет книги есеи, книжевно-критички и публицистички текстови, како и книгата разговори со Изет Сарајлиќ и книгата преписки со Билјана Јовановиќ. Уредил и превел десет антологии на босанско-херцеговската и словенечката поезија и проза, и превел преку деведесет книги и шеснаесет драми од словенечки автори. Досега се објавени триесетина преводи на неговите книги на словенечки, италијански, чешки, англиски, полски, турски, бугарски и македонски јазик. Покрај другите, добитник е на словенечките книжевни награди: Златна птица (1993), Вероникина (1999), Жупанчичева (2000) и Јенкова награда (2006), како и на меѓународната книжевна награда Виленица (1994) и на посебното меѓународно признание за поезија Scrittore di Frontiera (Трст, 2005).
Оља Савичевиќ Иванчевиќ е родена на 16 септември 1974 во Сплит. Дипломирала хрватски јазик и книжевност на универзитетот за општествени науки во Задар. Во моментов завршува со пост-дипломските студии. Пишува поезија, куса проза, есеи, книжевна критика. Уредник е на бројни книжевни алманаси, како и на хрватскиот дел од антологијата „На третиот плоштад“ која претставува млади автори од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора. За својата поезија и за своите раскази е наградувана уште од детството: нејзината прва книга поезија „Ќе биде страшно кога ќе пораснам“ е објавена кога имала само четиринаесет години. Потоа објавила уште две збирки поезија, „Засекогаш деца“ (1993) и „Женско писмо“ (1999). Првата книга раскази „Да се насмее песот“ (2006) е наградена како необјавен ракопис на автор помлад од триесет и пет години. Наскоро планира да ја објави збирката Sondtrаck за слепи патници. Некои од песните и‘ се преведени на англиски, македонски, словенечки, словачки и чешки.
„Оља Савичевиќ Иванчевиќ знае да го преработува она што во животот го прочитала, да персифлира, да имитира и да ги менува сопствените авторски личности, значи, да го прави сето она што повеќето нејзини современици, кои ги немаат сите петки, никогаш нема да можат да го сторат“. – Миљенко Јерговиќ, „Најдобри хрватски раскази 2006“
Нарачките може да ги вршите овде
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

