Култура
Шест ипол децении Македонска филхармонија
Македонската филхармонија ќе ја одбележи 65-годишнината со свечен концерт во редовниот термин во четврток, кога ќе бидат изложени фотографии на оркестарот од неговото формирање до денес
Јубилејниот концерт ќе го води полскиот диригент Јануш Пшибилски, а како солист ќе настапи пијанистката Елена Мисиркова-Лоза, која е амбасадор на културата на Македонија во Австрија.На програмата ќе бидат Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски и популарната Симфонија бр.5 од Чајковски. Македонската филхармонија е единствениот симфониски оркестар во Македонија кој непрекинато работи повеќе од шест децении. Филхармонијата, сместена во Домот на АРМ, треба да добие сопствен простор. Изградбата на новата концертна сала почна во март годинава на просторот помеѓу Македонската опера и балет и Факулетот за музичка уметност. Со објектот, кој се гради според проект на архитектот Виктор Михајлов, Филхармонија ќе добие адекватни услови за работа. Македонската филхармонија е формирана на 24 ноември 1944 непосредно по ослободувањето на Скопје. На диригентскиот пулт на оваа значајна национална институција биле повеќе доајени на македонската музика, а основачи и први диригенти на оркестарот се композиторите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Оркестарот е повеќепати преименуван и приклучуван кон други институции (Македонската опера и балет и Македонското радио), за во 1960 година Македонската филхармонија да се конституира како самостојна музичка институција. За време на своите 65 години постоење, Македонската филхармонија е еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот, со огромна улога во афирмирањето на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирањето на современото македонско музичко творештво.Покрај редовните концертни настапи во земјата, Македонската филхармонија има гостувано во Јужна Америка, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Полска, поранешниот СССР, Романија, Бугарија, Турција, Италија, Србија, Црна Гора…Со оркестарот диригирале голем број странски и домашни диригенти – Ловро Матачиќ, Карло Цекин, Џемал Рашид, Јаромир Ноел, Игор Маркевич, Оскар Данон, во поново време Тадеуш Козловски, Вјачеслав Блинов, Павле Дешпаљ, Ермир Крантја, Рамиз Мелик Асланов, Антон Нанут, Јануш Пшибилски, Стефан Лано, Перо Петровски, Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Ле Фи Фи…Настапиле реномирани вокални и инструментилни солисти, како Алдо Чиколини, Халина Черни-Стефанска, Хенрих Шеринг, Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Цимон Барто, Иља Гринголц, Торлеф Тедеен, Александар Мелников…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

