Култура
Проекција на „This is What Democracy Looks Like“ во Галерија 7

По повод десетгодишнината од историските демонстрации против Светската трговска организација во Сиетл, во Галерија 7 во Старата скопска чаршија утревечер ќе биде прикажан филмот „This is What Democracy Looks Like“, во организација на „Компресор“, задруга за креативна трансформација
Филмот „This is What Democracy Looks Like”, во копродукција на Индимедиа и Big Noise Films, ги испреплетува снимките на повеќе од 100 автори во еден возбудлив запис на она што навистина се случило на улиците на Сиетл. Филмот пробива низ конфузијата и солзавците отсликувајќи директен, жесток портрет на една недела која го промени светот. со нарација на Сузан Сарандон и Мајкл Франти, вокалот на „Spearhead“, како и моќен саундтрак кој ги вклучува „Rage Against the Machine“, DJ Shadow, DJ Musaka и „Company of Prophets“, ова е првиот документарен филм кој ја доловува вистинската енергија на протестите против Светската трговска организација, истовремено разјаснувајќи го нивното глобално и историско значење.Индимедиа овозможи продукциска инфраструктура за повеќе од 450 медиумски активисти во текот на протестите против СТО во ноември 1999 година. Со автономни медиумски центри, управувани од волонтери, кои работат на четири континенти, десет земји и дваесет и еден град, Индимедиа претставува нов и цврст модел за независни медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Дела на скулпторот Александар Ефтимовски трајно поставени во просторот МКЦ Скопје

Александар Ефтимовски е македонски автор со големо интернационално искуство. Во неговото досегашно ликовно творештво има изработено скултури во голем формат, поставени во повеќе од 30 европски и светски држави. За неговата апстрактна скулптура карактеристични се острите агли, овални форми со чисти површини. Материјалите кои ги користи за неговото ликовно изразување тој ги селектира соодветно со идејната форма.
Проектот кој Авторот го создаде за трајно поставување во просториите на МКЦ Скопје е во координација со Ликовниот директор на институцијата Горјан Ѓоргиев. Идејата е преку овој начин на поставување на делата да се доближиме до концептот кој го имаат во музејот МОМА (MoMA: The Museum of Modern Art, New York City) каде преку слична поставеност на делата се промовираат еминентни ликовни уметници со цел нивно поголемо претставување и едукација на посетителите.
Делата – „Секвенца“, „Овални меки“ и „Импулс“ кои се создадени за МКЦ се изработени од метал и се со големина од 1 метар на секоја нивна страна. Површината на скулптурите е третирана со различни солуции за оксидација која го нагризува металот на различен начин и создава различен колорит на кафено – портокалова нијанса која додава, ликовно кажано, игра и динамика на самите форми. Овој проект претставен во плиток релјеф преку иновативниот начин на интервенција врз материјалот создава илузија на третата дименизја преку својот “Chiaroscuro”(светло-темно) ефект.
Идејата на овој проект е преку трајно поставување на скулптура во просториите на МКЦ да се покаже творештво на авторот на публиката од сите возрасти кои ја посетуваат оваа институција за време на концерти, филмски проекции, ликовни изложби и слично. Делото се очекува да биде видено од повеќе од 10 илјади гледачи во период од една година.
Ефтимовски претходно пред публиката на МКЦ ги има претставено неговите скулптури во галериски и во голем формат преку изложбите „Фрагментум“ и „Точки на гледиште “.
По изложбата во Галерија Резистенсиа во Лисабон, авторот активно работи на создавање на дела за изложбата „Магна Матер“ во МЦ Галеријата во Њујорк.
Проектот е реализиран со сопствени и среДства од Општина Центар, и подржан од МКЦ, Борјан Сандревски и Фамилија Ефтимовски.
Култура
Премиера на „Смртта на еден човек на Балканот“ во Домот на културата во Кавадарци

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, вечерва, со почеток од 20 часот, премиерно ќе ја одигра претставата „Смртта на еден човек на Балканот“, работена според текст на Мирослав Марјановиќ. Преводот, адаптацијата и режијата се на Александар Малинков
Претставата е црна комедија која ја истражува рамнодушноста и апсурдот на современото општество преку приказната за човек кој извршува самоубиство во својот стан. Наместо сочуство, настанот предизвикува… Проверете сами и уживајте!
Играат: Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Сузана Димова, Елена Илова, Благица Боцева, Сашко Орешков, Никола Колев Зезо, Томе Атанасов, Петар Јованов, Драган Кабранов, Александар Видиков, Цветанка Прочков, Слободан Прочков и Александар Малинков.
Камера/тон/светло – Пепи Ангелов; Инспициент – Марјан Тодоровски; Сценска изведба – Тони Туриманџов; Соработник на сценографија/плакат – Билјана Соколова Тодоровска; Гардеробер/реквизитер – Благица Илиева.
Првите репризи се закажани за 29 и 30 октомври 2025 од 20 часот. Во меѓувреме, претставата доби покана за учество на In Vinica Veritas, кој традиционално се оддржува секоја година во Виница. Пред фестивалската публика во Виница, кавадаречкиот Театар со претствата “Смртта на еден човек на Балканот“ ќе настапи во сабота, на 25 октомври 2025.
Култура
Премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II

На 25 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, на големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, 20.00 часот.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Драган Ампов(25.10.)/Кристијан Антовски(28.10.), Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.