Култура
Ново издание на „Македонска реч“

Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Од агендата на Калина Калин“ на авторката Лилјана Пандева
Романот претставува навидум едноставна приказна за една жена-интелектуалка на која низ лавиринтот на секојдневието и‘ се случуваат многу обични работи кои и‘ го прават животот необичен. Приказната е исполнета со емоции и прикриени страсти, со динамичен тек и прилична доза на хумор. Лилјана Пандева дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за македонски јазик и книжевност. Досега објавила повеќе раскази и прилози од областа на примената на македонскиот јазик во практиката. Автор е на драмолетите за деца „Новогодишни едночинки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јубилејното 25. издание на „Есенски музички свечености“ почнува на 25 октомври

Јубилејното 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе се одржи од 25 октомври и ќе трае до 10 ноември, информира Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
„Есенските музички свечености“ 2025 година свечено ќе се отворат со концерт на Националниот џез оркестар насловен „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов, на 25 октомври, сабота, со почеток во 20:00 часот на сцената на Малата сала на Филхармонија.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Македонскиот национален џез оркестар го претставува проектот „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонски фолклор и современ џез. Програмата ќе ја диригира Владимир Николов, кој ќе го предводи оркестарот низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонскиот фолклор, прераскажани преку јазикот на џезот.
Македонскиот национален џез оркестар е симбол на врвна џез музика и високо ниво на уметнички перформанси. Овој Биг Бенд оркестар обединува врвни џез музичари од Македонија и меѓународно признати гости-уметници.
Основан како национална институција во 2024 година, тој брзо стана централна сила во културниот живот на земјата. Со иновативна програма и распродадени настапи, тој изгради репутација како национален џез бренд. Меѓу гостите солисти до сега се истакнуваат Курт Елинг, Марија Мендеш, Дони МекКаслин, Курт Розенвинкел, Дон Менца, Шеун Кути, Зиги Фајгл, Луис Бониља, Франческо Беарцати и други меѓународно признати уметници. Сите тие придонесоа за растечкиот меѓународен профил на оркестарот.
Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.