Култура
Две изложби на Националната галерија на Македонија
Во Чифте амамот утревечер, 20 часот, ќе биде отворена ретроспективната изложба на академскиот сликар Свето Манев. Во Мала станица пак, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Јана Јакимовска
Со изложбата „Четириесет години творештво“ Свето Манев заокружува еден сликарски плоден период, потсетувајќи нè повторно на темите: човек, коњ, кентаур. На изложбата ќе бидат поставени околу 80 дела, слики, цртежи (во комбинирана техника) и графики. Сликарот Манев разоткрива, нему својствени, ликовни патишта во толкување на современата човекова егзистенција, низ силни контрасти, драматичност, спротивставено време, контрастни судири, контрастни преиспитувања, конфликти. Овој автор македонското современо сликарство го збогатува со една нова метафора, драматично претставувајќи нè на времето во кое живееме.Тој нè воодушевува во неговото ликовното творештво со зачудувачката цртачката вештина. Манев црта со леснотија и сигурност, а тоа во уметноста на многу автори недостасува. Неговите форми се карактеризираат со волуменозност, исполнетост и сигурност во изведбата.Творештвото на Манев и припаѓа на фигуративната ориентација, но со изразита надреалистичка организација. Затоа можеме да го толкуваме и да го карактеризираме како синтеза на реалните и иреалните видувања на светот и неговите корелации. Современиот човек и неговата психа, распната меѓу соништата на метафизички копнежи во светот на стварноста.Свето Манев, преку прецизниот, успешен и префинет цртеж, сè повеќе ни се наметнува како поет на современата човекова тегобност и грчовитост. Правоаголната сликарска севкупност која слободно егзистира во вознемирената материјална просторност, ни нуди разјадено човеково егзистирање, притеснето и осамено во залудните обиди да се надмине надвиснатата, морбидна материјална вистина. Со специфичната симболика и ликовната зрелост, Манев отвора нови сликарски патишта во своето еволутивно творештво.Тој е свртен кон силата на драматичноста на човековото освојување на просторот. Набиените форми на човек, коњ, кентаур со необична динамика и вистинска експлозија на органските елементи на телото, вешто цртачки моделирани, се основната вредност на неговите ликовни творби.Основен творечки принцип на Свето Манев е високиот професионален однос спрема ликовните можности и техничко-технолошките тајни, при што целата концентрација е насочена спрема бескрајните варијанти на човековото битие, со разновидни трансформации, поттикната од личните искуства, но сепак поврзани со естетската суштина на работите.Уметничкиот ракопис на Свето Манев заслужува огромно внимание, пред сè бидејќи внесуваа еден нов здив во нашата современа ликовна мисла, што излегува од рамките на регионалното и се пробива со сигурност кон пошироки ликовни простори. Изложбата е биде отворена до 27 декември.
Изложбата под наслов „Три бои – Полиптихот и неговите контексти” на Јана Јакимовска се состои од 9 полиптиха, сите изработени во текот на 2009 година во техниката акрилик на платно. Авторката преку делата претставени на изложбата поставува три суштински прашања кои се однесуваат на од претходно присутните дилеми во нејзиното творештво, а се поврзани со поимите автопортрет, акт и триптих. Притоа, овие размисли се развиваат во насока на симболики на тело, портрет, поза, боја, начин на сликање, нарација…Изложбата ќе биде отворена до 16 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

