Култура
Новиот шведски филм во Кинотека
„Идентитет и предрасуди“ е новата филмска ревија која од 7 декември, понеделник, до 13 декември ќе се прикажува во Кинотеката на Македонија. Ревијата опфаќа 8 филмови од најновата шведска продукција
Шведската кинематографија е една од водечките западноевропски кинематографии, во чиј список на дела меѓу другите влегуваат и некои епохални филмови на Ингмар Бергман, Јан Троел и Андреј Тарковски. Програмата е наречена „Идентитет и предрасуди“, имајќи ја предвид доминантната тема во поновата шведска кинематографија – помалку или повеќе успешната интеграција на ранливите малцинства во шведското општество. Но, можеби поадекватен заеднички именител за сите овие урбани драми е трагањето по среќата, бидејќи во речиси сите нив приказните се концентрирани околу ликови кои од разни причини се несреќни и се обидуваат да најдат поповолно решение за својата ситуација.Ревијата започнува со „Ние, живите“ (2007) на режисерот Рој Андресон. До 13 декември ќе бидат прикажани: „Кога мракот се спушта“ („När mörkret faller“) од 2006 на Андер Нилсон, „Сандор/ Ида“ („Sandor slash Ida“), 2004, во режија на Хенрик Георгсон, „Крилја од стакло“ („Vingar av glas“), 2000, на Реза Багер, „Кечап ефект“ („Hip hip hora“), 2004, на Тереза Фабик, „Дечките од соседството“ („Förortsungar“), 2006, на Илва Густавсон, „Кралот на пинг-понгот“ („Ping-pongkingen“), 2008, на Јенс Јонсон и „Незадолжително“ („De ofrivilliga“), 2008, режија Рубен Остлунд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Двојна изведба на балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 18 и 21 ноември
Двојната изведба на балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ ќе се одржи на 18 и 21 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет. Балетот, поставен во два чина и инспириран од безвременскиот роман на Г. Флобер, ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент на изведбите е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Почина поетесата д-р Славица Свидерска
Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага информира дека денеска, на 12.11.2025 година, почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола). Доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство.
Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Погребот ќе се одржи утре, 13.11. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.
Култура
Доксијадис и Скопје – изложба што ја враќа приказната за обновата по земјотресот во ’63-та
Вчера, на 11.11.2025 година, во 19 часот по грчко време, пред бројна публика во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата…, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.
Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.

