Култура
Оливер Мусовиќ на групна изложба во Италија

Македонскиот уметник Оливер Мусовиќ со свои дела ќе учествува на групната изложба насловена како „Историја, сеќавање, идентитет: Современа фотографија од Источна Европа“, која во недела навечер ќе биде отворена во Модена, Италија
На изложбата ќе бидат преставени повеќе од 150 дела – фотографии, филмови и видео инсталации од 29 уметници од 16 земји. Покрај Оливер Мусовиќ учествуваат и светски познатите уметници Артур Жмијевски, Адриан Паци, Милица Томиќ, групата ИРВИН, Младен Стилиновиќ, Маја Бајевиќ, Роман Ондак, Фикрет Атај, Јосиф Кирали и други.„Историја, сеќавање, идентитет: Современа фотографија од Источна Европа“ е богата изложба посветена на протагонистите на источноевропската уметничка сцена и како што самиот наслов навестува историјата, сеќавањето, идентитетите се главните теми на оваа голема изложба, вистинските „отворени прашања“ и радикални промени со кои многу од граѓаните на источна Европа се соочија по паѓањето на железната завеса.Делото „Соседи 2: Дворот“ со кое Мусовиќ е преставен во оваа колекција е серија на црно бели инк џет отпечатоци од поголем формат – дигитализирани фотографии кои се пропратени со кратки анегдотски текстови. „Ова дело е продолжение на еден сличен проект со наслов „Соседи“ од 1999 г. Фотографиите презентираат сцени од еден двор на зграда од преградието на Скопје, еден заеднички простор обликуван од жителите на зградата, според нивните потреби и желби. Во манир на криминалистичка фотографија ги документирам трагите кои ние, жителите ги оставаме во тој простор и преку тие фотографии се обидувам да го анализирам функционирањето на еден комплексен урбан социјален систем, како што е една зграда во предградието“, вели авторот.Изложбата која ќе трае до 14-ти март 2010 е поставена во објектот Сан Агостино и со која на јавноста ќе и се престави втората серија на аквизиции за колекцијата на фондацијата Каза ди Риспармио ди Модена. Изложбата ја прати и луксузен каталог издаден од познатата италијанска издавачка куќа за уметничка литература Скира. Во февруари следната година, во Модена, Оливер Мусовиќ ќе има презентација на неговото творештво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Солунскиот државен симфониски оркестар првпат во Скопје

Солунскиот Државен Симфониски Оркестар за прв пат во неговото 66 годишно постоење настапува во Скопје во салата на Филхармонија на 17 Мај 2025 19.30 часот, со дела од Емилиос Риадис и Морис Равел со специјални гости од двете земји, како водечката Грчка сопранистка Мирто Папатанасиу и светски реномираниот пијанист Симон Трпчевски од РС Македонија. Со Оркестарот ќе диригира реноминираниот Грчки диригент Владимирос Симеонидис.
На програмата се дела од Морис Равел и неговиот грчки студент Емилиос Риадис, на чествување на 150 годичницата од раѓањето на Морис Равел и 90 годишна од смртта на најголемиот Солунски композитор Емилиос Риадис, вклучувајќи ја и светската премиера на симфониската свита од операта “Галатеиа”.
Сабота,Мај 17, 2025 во 19:30 часот Филхармонија Скопје
Сопран: Мирто Папатанасиу Пијано: Симон Трпчевски Диригент: Владимирос Симеонидис
Билетите чинат 1.500 денари и се во продажба на https://www.filharmonija.mk.
Култура
(Видео) „Убав ден“ – нова песна на Горан Папаз

„Убав ден“ е насловена новата песна на Горан Папаз.
„Посебно сум горд на овој сингл затоа што дел од музиката ја создаде Дамиан, мојот син, а Гоце Симоноски ја заокружи оваа приказна изработувајќи прекрасен аранжман. Вокалите се на Дамиан Папаз и Сара Димитрова“, сподели музичарот.
Песната е снимена и работена во студиото на Димитар Димитров и во студиото на Гоце Симоноски.
Култура
СДСМ: Колку чинат екскурзиите на Љутков во странство со цела свита?

Додека институциите на културата едвај преживуваат, а вработените и понатаму се без исплатени плати, министерот за култура Зоран Љутков, заедно со голема партиска свита, си организираа „дипломатска“ екскурзија во Јапонија, велат од СДСМ преку соопштение.
„Со него се и министерот Тимчо Муцунски со сопругата, генералниот секретар на Владата и уште неколку „културни авторитети“, наводно за поддршка на ансамблот Танец и „јакнење на културната соработка“.
Колку точно лица брои оваа луксузна делегација? Колку народни пари беа потрошени за патувањето во Осака,за авионски билети, сместување, дневници, протоколарни вечери, гардероба и подароци?
И што, всушност, ќе донесат назад во Македонија? Освен албум со селфиња, објави за „успешни средби“ и неколку звучни фрази за „интеркултурен дијалог“?
Врв на иронијата, организирале и изложба посветена на архитектот Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Истото Скопје кое ВМРО-ДПМНЕ, со истата оваа структура, го изобличи со стиропор и лажен барок преку проектот „Скопје 2014“.
Па кој има образ сега да го слави Кензо Танге, кога неговото дело беше грубо погазено со партиска стиропорна естетика и кич?
Граѓаните заслужуваат одговор: Колку ги чинат екскурзиите на Љутков, колку чини оваа парада? И дали културата е само алиби за туристички луксуз?“, велат од СДСМ.