Култура
Концерт на виолинистот Климент Тодороски и пијанистката Марија Вршкова
Утревечер, 15 декември, во 20:30 часот во Музејот на град Скопје концерт ќе одржи еден од најперспективните домашни виолинисти Климент Тодороски, во пијано придружба на Марија Вршкова. На програмата се од Крајслер, Бетовен, Шуплевски, Виењавски и Франк
Концертот го организира Здружението за култура и уметност „КултурОп”, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Градот Скопје. Влезот е слободен.„Климент Тодороски беше извонреден, не само со своето самоуверено држење на сцената, туку и со нијансирањето во тонот, сензитивноста и еланот што ги долови во ‘Љубовниот поздрав’ од Елгар и ‘Шпанскиот танц’ на Фаља/Крајслер…” – Џефри Норис, Дејли Телеграф, Лондон
Климент е роден 1984 година во Охрид. Го започнува своето музичко образование во Охрид и Битола, во класата на професор Ванчо Стоилков. Понатаму продолжува во Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на професор Благоја Димчевски (концерт-мајстор на Националниот оркестар на Тулуз „Capitole”) каде во 2002 год, го оформил музичкото образование. Учесник е на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија, Франција… Добитник е на повеќе награди меѓу кои се издвојуваат: Прва специјална и втора награда на републички натпревар, трета награда „Петар Коњовиќ” Белград, Србија, втора награда на меѓународниот натпревар „Корнелија Бронзети” во Романија, прва специјална награда на меѓународен натпревар „Охридски Бисери“ во Охрид.Имал настапи како солист со Македонска филхармонија, Камерниот и Симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје, на „Охридско лето”, „Хераклејски вечери“… Учествувал во реализација на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и Симфонискиот оркестар на „Capitole”. Во неговите позначајни настапи може да се вбројат и настапите со светски познатиот пијанист Симон Трпчески, на Концертната турнеја низ Македонија (2007-2008), Велигденскиот концерт – Скопје (2008) како и настапот во септември 2008 година во седиштето на Обединетите Нации по повод затворањето на 62. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации, по покана на Претседателот, неговата екселенција Срѓан Керим. Исто така имаше настап во Мадрид на покана на Амбасадорот на Република Македонија во Шпанија, Методија Белевски и со светското чудо од дете, диригентот Илич Ривас на фестивалот „Скопско лето“ оваа година.Климент Тодороски во моментов е апсолвент на ФМУ во Скопје во класата на професор Олег Кондратенко, а е во редовен работен однос во Македонска опера и балет како концерт-мајстор.Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала со највисока оценка – „Cum Laude” на Факултетот за музичка уметност – Скопје во 1997 година во класата на проф. Тодор Светиев, кај кого во 2001 година ги завршува и магистерските студии.Добитник е на повеќе награди на државно така и на меѓународно ниво (III-та награда на интернационалниот конкурс за млади пијанисти во Рим – Италија, први републички и 2 трети сојузни награди, во рамки на поранешна Југославија. Посебно се истакнува нејзината дејност на полето на „новата музика” – заедно со ансамблот „АЛЕА” има остварено 20-тина светски праизведби на камерни и дела за пијано.Како солист и како камерен музичар има настапувано во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Русија, Хрватска, Албанија, Бугарија и има остварено соработка со многумина уметници, меѓу кои и Стефан Миленковиќ, Моника Лесковар, Ино Мирковиќ, итн. Вршкова е присутна на сите најреномирани сцени и манифестации во земјава, како „Охридско лето”, Салон 19.19, „ДММ”, „Хераклејски вечери”, „Скопско лето” и др.Како круна на долгогодишното камерно музицирање доаѓа специјалната награда за најдобар музички соработник од интернационалното жири во рамките на годинeшниот натпревар „Охридски бисер”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

