Култура
Наградата „Новите!“ за Ненад Јолдески

Добитникот на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, која оваа година издавачката куќа „Темплум“ и Комерцијална банка ја доделуваат по четврти пат, е Ненад Јолдески за ракописот „Мемоари“
На конкурсот на „Темплум“ оваа година пристигнаа 17 ракописи, од кои три влегоа во потесниот круг: „Без крај“ на Каролина Девчевска, „Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов и „Мемоари“ на Јолдески. Тричленото жири, во состав Никола Гелевски (претседател), Владимир Јанковски и Ѓорѓи Крстевски (членови) едногласно се одлучија за ракописот на Јолдески, како најквалитетен во однос на другите.Станува збор за збирка раскази-мемоари, кои се карактеризираат со длабок, прониклив и креативен хумор. Во расказите е опишано секојдневието и сите необични, гротескни ликови кои не‘ опкружуваат и кои ги „ослободуваат“ приказните од баналност. Мемоарите на Јолдески се родени од Струга, тишината на градот, езерото, луѓето, јагулите… Струшкиот дијалект и сленгот се употребени природно и ненаметливо и само го интензивираат впечатокот од читањето на расказите.Досегашни добитници на наградата „Новите“ биле: Алекс Букарски (2006 година) и Галијана Маркова (2007 година) и Климент Булоски (2008).Ненад Јолдески или Везденски (Струга, 1986) активно се занимава со веб-дизаjн и блогирање. Автор е на три блогови: figment.blog.com.mk, на кој може да се сретне негова поезија и проза; enhalon.blog.com.mk, поезија и проза на струшки дијалект, од каде е произлезен и голем дел од неговата дебитантска книга, и figmentmusic.blog.com.mk каде се занимава со рецензии за музика и филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Самоил Стојановски

На 55-годишна возраст почина актерот Самоил Стојановски, кој беше дел од македонската актерска сцена повеќе децении.
Од 2003 па до неговиот последен аплауз во декември годинава беше вработен во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.
„До семејството, колегите и пријателите на Самоил упатуваме најискрено сочувство во овие тешки моменти. Неговата посветеност и топлина што ги споделуваше со сите што го познаваа ќе останат засекогаш во сеќавањата. Нека спомените за него бидат утеха, а неговото дело сведоштво за неговиот живот и љубовта кон театарот“, велат од велешкиот театар.
На сцената на велешкиот театар создаде ролји во многубројни претстави, меѓу кои: „Будење“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Четвртата сестра“, „Орест“, „Жени во народното собрание“, „Сомнително лице“, „Враќање“, „Железно пиле“, „Дом за птици“, „Да се заборави Херострат“, „Х-Хамлет“, „Птици“, „Џинот, учителот“, „Веселите жени од Виндзор“, „Тероризам“, „Баханалии“, „Злосторство на островот на козите“, „ММЕ кој прв почна“, „Онегин“, „Шашардисани времиња“, „Принцезата и Гускарот“, „Последниот Балкански вампир“, „Крал Лир“, „Тартиф“, „Најважната работа на светот“, „Приказни од шестиот кат“, „Класен непријател“, „Добрата надеж“, „Мачорот во чизми“, „Ана Комнена“, „Синиот портокал“, „Лисистрата“, „Елешник“, „Креонт и Антигона“ и други.
Стојановски оствари улоги и во филмската и телевизиската продукција, учествувајќи во проекти како што се: „Трст виа Скопје“ (1987 – 1990), „Погрешно време“ (2000), „Вампирџија“ (2002), „Крајот на играта“ (2002), „Крчма на патот кон Европа“ (2005), „Ова не е американски филм“ (2011), „Старо купуем“ (2013), „Приказни од животот“ (2014), „Ослободување на Скопје“ (2016), „Преспав“ (2016), „Македонски народни приказни“ (2017) и „Црвениот поет“ (2024) и други.
Култура
(Видео) Скопје во магична светлина под свеќи – што се случуваше на Мостот на уметноста?

Во пресрет на концертниот спектакл Candlelight: Timeless, кој ќе се одржи на 22 март во Македонската филхармонија, многубројните свеќи го осветлија Мостот на уметноста во срцето на Скопје создавајќи магична атмосфера, што го најави овој уникатен музички настан.
Активацијата, која се одржа во четвртокот, привлече многубројни минувачи и љубители на класичната музика, кои беа сведоци на несекојдневен визуелен спектакл. Видеото од оваа грандиозна најава ги доловува амбиентот и возбудата што владеат пред концертот, што ќе внесе безвременска магија во концертната сала на Филхармонијата.
Петар Пејчиќ: виртуозот што со нетрпение го очекува својот прв настап во Македонија
Еден од најдобрите млади виолончелисти во светот, Петар Пејчиќ, првпат ќе настапи пред македонската публика. Со својот исклучителен талент и меѓународни признанија Пејчиќ е веќе значајно име на светската класична сцена, a веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Toj е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации.
„Навистина сум возбуден што ќе настапам во Скопје првпат! Ова ќе биде исклучителна вечер исполнета со неверојатна музика, емоции и посебна атмосфера. Со нетрпение очекувам да ја споделам сцената со врвниот камерен оркестар ‘Профундис’ и да ја почувствувам енергијата на македонската публика“, изјави Пејчиќ.
Програма на концертот – безвременски дела и ексклузивна изведба на свитата The Hours
Овој концерт ќе понуди богат и внимателно избран репертоар, кој ги обединува класичните ремек-дела со современи маестрални композиции. Посебен акцент е ставен на саундтракот од филмот The Hours, кој првпат ќе биде изведен во Македонија.
Филип Глас – музика од филмот The Hours. Музиката на Филип Глас за овој филм е пример за минималистичката генијалност што носи длабока емоција и меланхолија. Неговата свита ги води слушателите низ слоеви на суптилна експресија создавајќи атмосфера што остава длабок впечаток.
Давид Попер – Унгарска рапсодија оп. 68. Ова дело е вистински предизвик за секој виолончелист – виртуозноста и драматичните мелодии ја прават рапсодијата динамична и незаборавна.
П. И. Чајковски – рококо варијации. Инспирирани од класичниот стил на Моцарт овие варијации се елегантна и виртуозна демонстрација на виолончелистичката уметност.
Култура
Музичка „Бајка“ со виолинистката Ана Кондратенко во Филхармонијата

„Бајка“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот на кој како солистка ќе настапи нашата виолинистка Анна Кондратенко, концертмајстор во Македонската филхармонија. На концертот, Анна Кондратренко ќе настапи како солистка и воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Врвната виолинистка Анна Кондратенко, на овој концерт, покрај како солистка на виолина, ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членовина Македонската филхармонија. Родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.
Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др.
Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.