Култура
Вевчански карневал 2010 – поставување на светот наопаку
Една од најмасовните културни манифестации во Македонија, најголемата веселба во чест на празникот Свети Василиј Велики, Вевчанскиот карневал, оваа година во три карневалски денови нуди богата програма која ќе привлече илјадници домашни и странски гости
Со претставувањето на саемот за алтернативен туризам во Вевчани и забавата со познатии музички имиња – Милко, Владо Јаневски, Влатко Стефановски и гостите од Србија „Рибља чорба“ на 12 јануари, стартува настанот кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар.
Карневалската поворка е на 13 јануари со почеток во 14 часот кога со трите традиционални маски – Глупи Август, зет и невеста и музичари ќе започне уличниот театар, поинаква реалност во која се‘ е дозволено, пародизацијата и критиката на сиот општествен и политички живот во Македонија. Со веселби до доцните часови Вевчанци ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година. На 14 јануари денот започнува со традиционалното Вевчанско оро и ритуалното палење на маските.„Се‘ може да се одложи, но само Вевчанскиот карневал мора да се одржи“, изјави градоначалникот на општина Вевчани, Перо Илиески.
Инаку, Вевчанскиот карневал го доби признанието најуспешен туристички настан за 2009 година од Министерството за економија. Самата манифестација е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и Здужението на европски карневалски градови.
Вевчанската историјаВевчанскиот карневал, стар повеќе од 1400 години, е интересен спој меѓу паганското и современото. Се оддржува на 13 и 14 јануари (во очи и на првиот ден од Новата година, според Јулијанскиот календар). Главни карактеристики на карневалот се архаичноста, таинственоста и импровизацијата.Во 1993 година Вевчанскиот карневал, односно Вевчани станува член на ФEЦЦ – Асоцијација на светските карневалски градови во која Вевчани, на големо негодување на Грција ја внесе Република Македонија под своето уставно име. Веднаш потоа се оживотворува иницијативата на Вевчани за национална карневалска асоцијација во која влегуваат и Струмица, Прилеп и други места каде се настојува да се оживее карневалската традиција.Карневалот во Вевчани, беше повод во 1996 година, да се одржи семинарот на тема „Обичаи под маски”, со учество на домашни и странски етнолози од повеќе европски земји, кои од карневалот кко уникатни ги издвоија традиционалните маски, појавата на ликови од општествениот живот, но и елементите кои го сочинуваат првобитниот слој на обичајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

