Култура
„Морфологија на сказната“ со превод на македонски
Култната книга „Морфологија на сказната” на рускиот фолклорист Владимир Проп од неодамна првпат е објавена на македонски јазик, во издание на „Македонска реч” од Скопје, во превод од руски јазик на Тронда Пејовиќ, а со предговор на проф. д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ
„Морфологија на сказната” на големиот фолклорист Проп е мала според обемот, но велелепна книга според влијанието што го имаше врз светската научна мисла. Таа е со статус на една од најпопуларните книги во светската фолклористика, а Е. М. Мелетински рекол дека е книга која одела пред своето време и книга на која времето не & одзело ништо од нејзиниот сјај и значење. Го носи и квалификативот „револуционерна” – се јавува како предвесник на структурално-типолошките истражувања, коишто во западните земји се појавија дури три децении по појавата на овој фундаментален труд на Проп. Оттогаш станува незаобиколна појдовна точка за сите натамошни истражувања во фолклористиката и едно од клучните дела на 20 век.Книгата „Морфологија на сказната” наидува на голем одзив не само во матичната средина (во Русија), туку буквално насекаде во светот, каде по углед на Проп се јавуваат бројни трудови со морфолошки интерпретации (цел еден наплив од „про-проповски” студии од областа на структуралната анализа). Клучен момент за репопуларизацијата (всушност, актуализацијата) на овој наслов ќе биде англискиот превод објавен во САД во 1958 година, кој ќе и‘ обезбеди на книгата „поголема резонанца и своевиден светски продор”. Од овој момент, книгата почнува да живее нов живот и се интензивира нејзиното издавање и преиздавање: во 1969 година во Русија излегува второто издание, по што се нижат серија преводи на многу јазици: англиски, италијански, француски, германски, чешки, полски, словачки, романски, јапонски и многу други.По запознавањето на западните научници со класичното дело на Проп, меѓу почитувачите и продолжувачите на Проповиот модел се јавуваат видни имиња на водечки светски фолклористи и семиотичари: Е. М. Мелетински, Г. Л. Пермјаков, В. В. Иванов, В. Н. Топоров, К. Леви-Строс, А. Ж. Гремас, А. Дандис и многу други. Иако во одгласите кои ги предизвика Проповата „Морфологија на сказната” преовладуваа афирмативните тонови (акламација и восхит), книгата доживеа и неколку посериозни приговори (М. Лити, К. Леви-Строс), а некои од нив прераснаа во жестоки полемики. Полемиката помеѓу Владимир Ј. Проп и Клод Леви-Строс резултираше со извонредни текстови-студии кои си ги разменија двајцата опоненти, бранејќи го сопствениот метод на работа.
Владимир Јаковлевич Проп (1895-1970) студирал на Историско-филолошкиот факултет во Петроград, а по завршувањето на студиите работел како наставник по германски јазик. Во 1932 год. почнал да работи на Ленинградскиот универзитет, а со професура се занимавал од 1938 год. Покрај фундаменталните два наслова „Морфологија на сказната“ (1928) и „Историски корени на волшебната приказна“ (1946), Проп ги објавил и делата „Руски јуначки еп“ (1955) и „Руски аграрни празници“ (1963), а посмртно се објавени збирката пократки трудови „Фолклор и стварност“ (1976) и „Проблемот на комиката и смеата“ (1976).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

