Култура
На Машински факултет промовирани преведените 22 дела
Вкупно 22 дела преведени на македонски јазик од областа на транспортот, механиката во неделата беа промовирани на скопскиот Машински факултет од страна на премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и министерот за образование и Никола Тодоров
Станува збор за дела кои се користат како стручна литература и учебниви на престижните универзитети во Соедиентите американски држави и во Велика Британија. Промоцијата се случи во рамките на проектот поддржан од владата на Македонија „Превод на 500 стручни, научни книги од областа на транспортот, од кои се учи на врвните факултети универзитети во САД и Англија а од областа на правото во Франција и Германија“.„Сиве овие книги нудат нови хоризонти и нови знаења, кои во минатото беа тешко достапни, или пак воопшто не беа достапни, како за нашите студенти, така и за професорите. Тие ќе претставуваат моќно оружје, во рацете на нашите студенти, што ќе им овозможи повеќе знаење, вештини и поголема конкурентност на домашниот и на светскиот пазар на труд“ изјави премиерот Никола Груевски на денешната промоција, додадвајќи дека до крајот на годинава ќе бидат испечатени сите 500 дела.Машинскиот факултет како благодарност за успешната соработка со владата и по повод 30 години постоење, на премиерот Груевски му додели плакета. „Овие наслови како и сите минати и идни изданија од овој проект даваат можност да се биде во тек со современите случувања, како и со најновите теоретски и практични содржини достапни за студентската популација од развиените земји“ изјави министерот Тодоров на промоцијата. Министерот додаде дека веќе отвориле нов тендер за превод на уште 500 дела од овој проект.Ова беше 12-та промоција досега и за веќе 217 испечатени дела од владиниот проект, за се прават напори да се најдат и во комерцијална употреба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

