Култура
Хитлер го измислија западните банкари

Нацистичкиот лидер бил психопат и монструм, но на власт дошол благодарејќи им на моќните бизнисмени и другите кои го поддржувале неговиот план за уништување на комунизмот и контрола врз работниците
Ова во понеделник го изјави режисерот Оливер Стоун, кој во моментов работи на документарен филм во десет продолженија за 20-ти век по работен наслов „Тајната историја на Соединетите Држави од Оливер Стоун“. Тој минатата седмица рече дека неговиот десетчасовен документарен серијал за историјата претставува „противотров за неточноста и предрасудите кои се присутни во конвенционалната историја“ која се учи во американските училишта и која „е пропагирана од комерцијалните медиуми“.Стоун денеска го привлече медиумското внимание со изјавата дека појавата на Адолф Хитлер ја овозможиле западните банкари и дека тој успеал да го „заведе“ германскиот воено-индустриски комплекс.„Хитлер е чудовиште. За тоа нема дилема. Воопшто немам сочувство за него. Бил луд психопат“, вели славниот режисер.„Меѓутоа, како што Франкенштајн бил чудовиште, така постоел и докторот Франкенштајн. Тој е производ на своето време“, изјавил Стоун, образложувајќи го својот став за Хитлер. Стоун во понеделник го рече ова во Банког, по одржувањето на предавањата пред гимназијалци за придонесот на неговиот филм во изградбата на мирот, во организација на Меѓународната мировна фондација со седиште во Виена.Всушност, тоа е дополнување на прес-конференцијата од петокот во Пасадена на која се соочи со телевизиски критичари, кога Стоун ги појасни своите ставови во врска со темата, кога тој најави дека серијалот ќе започнува со приказната за Хитлер. „Хитлер во текот на целата историја беше ‘жртвено јагне’ и неговиот лик е користен на ефтин начин. Сталин е друга приказна. Тој повеќе од кој и да е друг се бореше против германската воена машинерија“, рече тогаш носителот на три Оскара за режија кој ја подготвува историската документарна серија која при крајот на годината ќе се емитува на американскиот канал Showtimes.Од сите потенцијални бури кои би можеле да настанат околу документарецот, епизодата за Хитлер засега делува како најконтроверзна. Режисерот навести дека „не можеме да ги карактеризираме луѓето само како ‘добри’ или ‘лоши’. Хитлер е производ на низа дејствувања“.Во документарецот освен горенаведените ќе бидат претставени и Мао Це Тунг, Џозеф Маккарти и Хари Труман, во чиј претседателски мандат во 1945 г. беше фрлена атомската бомба.Останува да видиме дали Оливер Стоун ќе успее да ни ја прикаже човечката страна на Хитлер.И претходно Стоун во својата 40-годишна кариера, многу политички контроверни личности уметнички ги овековечи. Така, ги вознемири конзервативците со начинот на кој ги прикажа Фидел Кастро, Хуго Чавез и Џорџ Буш, а демократите со своите теории за заговор за атентатот врз Џон Ф. Кенеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Отворање на изложбата „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска во Белград

Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во петок, 4 јули 2025 во 19 часот во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Белград, Србија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 9 јули.
Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.
„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.
Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.
Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“.
Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.“ – Авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска.
„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот“. – Горјан Ѓорѓиев
Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.