Култура
Изложба на Зоран Арсовски во Струмица
Во Изложбениот салон на Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица в петок (19.30) ќе биде отворена самостојна изложба на кумановскиот академски уметник Зоран Арсовски
Конципирајќи ја својата прва самостојна изложба како збирка од дела коишто говорат со еден сликарски полилингвизам, притоа демонстрирајќи ги своите креативни можности и широки техничко-изведбени познавања, Зоран Арсовски на почетокот на својата уметничка кариера прави обид за исчекор со еден пристап кој е невообичаен за младите уметници. Храброста на авторот своето актуелно творештво да го презентира во неколку целини кои меѓу себе навидум не се поврзани може да се разбере како желба за што поцелосна презентација но и како естетска провокација која треба да предизвика полемика. Токму таа интеракција на релацијата уметник-дело-консумент е основната идеја на Арсовски, почетна точка во неговото творештво и завршна одредница во неговата реализација. Во претставената ликовна продукција не постои дело кое не раскажува некоја приказна или промовира некоја идеја од секојдневниот живот, мисловното е секогаш пред насликаното и последoвателно и перманентно се материјализира во сликарските артефакти на Зоран Арсовски. Тие и покрај различните ликовно-стилски јазици говорат за една идеја – обидот на авторот да партиципира во визуелното разбирање на светот. Во неговото сликарство нема непотребни детали, декоративни елементи и нефункционални површини, фокусот е ставен на максимално искористување на површината на сликарското платно со елементи кои директно треба да ја потенцираат основната идеја на авторот. Вообичаено е потенцирањето на неколку елементи во кои носечка фигура е човекот претставен реално (во фигуралната целина) или во експресионистичко-асоцијативен манир (во сликите во кои внесува несликарски материјали ), како и креирање на атмосфера со помош на колоритот (во апстрактно-експресивните целини). Кога сме кај фигуралниот пристап кај Зоран Арсовски треба да ја истакнеме неговата способност за филмска нарација каде што успева со мал број елементи да раскаже цела сторија (Бегство, Авантуристички доживувања, Заедно, Краток одговор, Предозираност …), да го глорифицира женското тело без идеализирање (Јуле, Индивидуален простор, Наде), да направи визуелна психоанализа (Меланхолија во населбата, Инспиративниот агол…) и притоа да остане доследен на академските норми во кои ги акцентира: цртежот, светлото и волуменот. Втората поголема целина (Логор, Централа, Набљудувач…) која се истакнува со посебност се делата работени како симбиоза на сликарство и несликарски материјали, изведени со еден енформелски пристап во кој авторот првенствено е фокусиран на концептот (третата димензија на сликата, вметнување на отфрлени елементи и нивна редефиниција, антиестетика како говор на предупредување и будење на свеста, внесување на реалните предмети во имагинарниот свет на уметноста, претворање на предмет во идеја…). Користејќи метални жици, ткаенина, камен, песок, шајки и клучеви, поставени на сликарското платно на кое подоцна интервенира со боја, авторот прави спој на реалноста и имагинацијата и добива еден нов микроуниверзум. Како визуелно атрактивни дела се истакнуваат делата (Записи 1 и 2) работени со силикатни материјали, техника со која Зоран Арсовски експериментира. Да ги споменеме и двете слики работени во асоцијативно-експресионистички манир (Предел и Порта) во кои доминира силниот потез и експресивниот колорит разбрани како потреба на авторот за движење во неограничен простор. Сепак, можеби највпечатливо со својата драматика е делото “Почеток и крај“ пред се поради извонредниот баланс на формата (сликарското и материјалот во фантастична корелација, ) и содржината ( можноста од уништување на светот од метеорски дожд како апел до човештвото за планирање на иднината на планетата). Изложбата е дел од ликовната програма на НУ Центар за култура – Куманово, и е финансирана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Досега беше претставена во Куманово, Охрид, Гевгелија и Прилеп.Зоран Арсовски е роден 1980 г. во Куманово. Дипломирал на Националната ликовна академија во Софија во 2005. Магистрирал 2007 на истата академија во класата на проф. Божидар Бојаџиев и проф. Станислав Памукчиев. Учествувал на повеќе меѓународни групни изложби и ликовни колонии во земјава и странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

