Култура
Благој Нацоски премиерно во САД

Македонскиот тенор Благој Нацоски утре со изведбата во Вердиевиот „Фалстаф“ во Операта на Сиетл ќе го има својот прв настап во САД
Операта на Сиетл е една од осумте најпрестижни оперски куќи во САД. Благој ќе го пее ликот на Фентон во оваа опера и овој настап всушност претставува двојно деби за него, бидејќи никогаш досега ја нема изведено оваа улога.Продукцијата на „Фалстаф“ е копродукција со Операта од Кливленд, во режија на Питер Казарас и под диригентство на Рикардо Фрица со кого Нацоски настапи во Националната Опера на Токио минатата година.Заедно со премиерата Благој ќе ги пее сите осум предвидени претстави и тоа во МекКоу Хол, сала на Операта на Сиетл која брои повеќе од 3000 седишта. Во улогата на Фалстаф ќе се менуваат Питер Роуз и Едуардо Чама, а Аличе ќе ја делат Светла Василева, неколку пати веќе партнерка на сцената на Благој во различни продукции низ Европа и Сали Волф. Форд ќе бидат Вестон Харт и Дејвид Вон, Мисис Квикли е Стефани Блајт, а Нанета е Ања Матановиќ.„По трет пат во оваа сезона изведувам опера која е спој на Шекспирово дело во музика. Се надевам дека улогата на Фентон ќе биде многу често на мојот репертоар во следните години. Питер Казарас е одличен режисер и беше прекрасна соработката со него во изминатиот период, а и фактот што е и поранешен тенор мене лично многу ми помогна во креирањето на овој лик од повеќе аспекти. Иако има два каста за осумте претстави сепак Фентон ќе го пејам само јас со обата. По прв пат во мојата кариера се соочувам со толку голем ангажман бидејќи се работи за една од главните улоги и тоа значи двојни проби, како и претстави два дена една по друга“ вели Благој Нацоски пред настапот во Сиетл за МИА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
75 години ДФРМ: од 3 септември филмска ревија со македонски филмови во Кинотеката

По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори.
На 3 септември програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
4 септември: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Ругање со Христос“ (2018)
5 септември: „Северен пол“ (2012); „Соба со пијано“
10 септември: „Види ја ти неа“ (2017); „Домаќинство за почетници“ (2023)
12 септември: „Вирово“ (1968) документарен филм; „Сестри“ (2021)
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.
Култура
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје

Вечерва, со почеток во 19 часот, во галеријата „Метаоја“ во Скопје, ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на неа учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа цел само да создадат ликовни дела што ќе го збогатат творештвото на арт-брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики што ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност, покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста што се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена сè до 10 септември.
Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.