Култура
Изложба на Ванчо Димоски во Куманово
Сликарот Ванчо Димоски од Охрид, во четрврток, 18 март, самостојно изложува во Салонот на Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“
Изложбата содржи дваесеттина слики во техниката масло на платно и е насловена како циклус Контрасти. Оваа изложба е прво самостојно претставување на Ванчо Димоски во Куманово.
За своето творештво авторот ќе запише:„Во уметноста, малку по малку, во преден план преминува сегментот на апстрактното кое до вчера плашливо се криело зад материјалистичките тенденции. Меѓутоа, колку и да избива пред апстрактното, уметниците во мигов се уште се поврзани со природата и се уште ги црпат нејзините форми. Во претставата на циклусот Контрасти, ставен е акцент на органско чисто обликувани форми, претставени се тела во нивна интимност, без никакво нагласување на какво било божество, од нив извира студен еротизам во ликот на современиот човек. Бојата е смислено организирана, со чувство за хроматско и психолошко дејствување, во кое остваруваат значење независно од асоцијациите на реалното. Бојата добива симболично значење, кое има звук како во музиката или како во истражувањата на Василиј Кандински – бојата за него не била само звучна, такашто тој квалитет не би требало понатаму да се подлабочува, многу е поважно да се открие нејзината метафизичка длабочина и внатрешен ритам. Засновано е едно психолошко истражување на зелената и црвената боја.Со доближувањето на овие две бои, Ван Гог го слика најголемото човечко лудило, сл. Ноќна кафана, Арл, год. 1888. Примерот, црвената и сината кои немаат меѓу нив никаков физички однос, но поради нивниот голем духовен контраст се сметаат за најефикасна хармонија. Жолтата ослободува духовна топлина, симболизира светлост и надеж, додека црвената може да иритира, дразба која ќе предизвика внатрешни вибрации кои можат да бидат возбудливи примери како асоцијациите на крв и на оган. Создава негативна импресија која предизвикува мачнина и болка.
Сината боја не го означува небото, туку духовната длабочина која се стреми кон молк и тишина. Спојувањето на лудоста, светлоста, надежта, длабочината, молкот и тишината презентирани во боја ги означуваат имагинарните простории. Во основа се духовнии физички контрасти.“ Ванчо Димоски е роден 1980 г. во Охрид. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Симон Шемов, отсек сликарство, насока конзервација и реставрација. Самостојна изложба реализирал во Охрид, а учествувал во неколку групни.Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 30 март 2010 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

