Култура
Снимањето на „Хобит“ почнува во јули
Снимањето на долго очекуваниот филм „Хобит“ на новозеландскиот режисер Питер Џексон, базиран на фантазијата на Џ,Р Толкин, ќе започне во јули, објави актерот Иан Мекеклен
Филмот ќе биде снимен во два дела, а ќе го продуцираат самиот режисер Питер Џексон и мексиканскиот филмаџија Гиљермо дел Торо.Снимањето на двата дела ќе се одвива паралелно во студијата на Џексон на Нов Зеланд а изборот на актерите веќе е започнат, изјавил актерот Иан Меккелен кој повторно ќе го толкува волшебникот Гандалф.Трилогијата „Господар на прстените“ се базира на делата на Толкин и досега има освоено вкупно 17 Оскари.Засега не е објавено дека „Хобит“ ќе биде снимен во 3Д техника и така да го следи трендот што го почна „Аватар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Недела на јапонски филм по осумнаесетти пат во Кинотеката на Македонија
Од 13 до 18 ноември Кинотеката на Македонија ги отвори својот простор и платно за уште еден исклучителен циклус на јапонски филм, нудејќи уникатно патување низ повеќе декади на јапонската кинематографија. Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија.
Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.

Програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија. Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика.
Преку овој циклус, Кинотеката нуди повеќе од само проекции. Тоа е културен мост меѓу Истокот и Западот, претставувајќи ги различните аспекти на јапонскиот филм и повикувајќи ја публиката да го открие светот зад екранот. Ова патување низ јапонската кинематографија е повеќе од само уживање во филмската уметност – тоа е повик за истражување на длабочините на културата, историјата и човечките искуства.
Култура
Биенална изложба на цртежи „Скици 2025“ во Кунаново
На 13.11.2025 / четврток / со почеток во 19,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина цртежи од авторите: Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е замислен како една биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово и во таа насока по деветти пат пред ликовната но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања. Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово (носител на проектот) направи напор за вклучување на академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари). Оттука и резултираше разновидноста на понудените решенија пред сè во пристапот но и во негова конечна реализација.

Влијанието на специјалноста, авторскиот печат, индивидуалниот концепт во организирање на елементите на цртежот како и конструирањето на композицијата говорат за неверојатните можности на овој медиум. Иако првичната идеја беше да се стави акцент на почетните скицирани материјали (крокис), со коишто уметниците ја започнуваат реализацијата на својата идеја, во последните години се забележува трендот на пристапување кон цртежот како на самостојно завршено ликовно дело темелено на комплексен приказ со колоритни партии коишто, пак, му даваат финален изглед. Но мораме да забележиме дека не помалку присутна е и тенденцијата на експериментирање и излегување од рамките на цртежот па во таа смисла и создавање на дела со комбинирани медиуми.

И ако во реализацијата на секој проект е најважен првиот чекор, во областа на визуелните уметности тој прв чекор, тој прв импулс којшто ќе го почувствува уметникот и ќе го стави на хартија, е скицата којашто подоцна се трансформира во целосен проект. Се надевам дека од изложените дела на оваа изложба публиката ќе го осознае тој процес а авторите ќе ги мотивира и понатаму да му посветуваат должно внимание на цртежот.
Изложбата ќе биде поставена до 27.11.2025 година.
Култура
(Фото) Блескав пијано концерт на Гацева и Џорлева во Белград
Синоќа во преполна сала на Културниот центар на Белград, во срцето на градот, на улицата Кнез Михајлова, блеснаа со својата интерпретација нашите две реномирани пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Во едночасовната програма за четирирачно пијано, професорките Гацева и Џорлева одржаа вистински час за висока професионалност и исклучително сугестивна интерпретација на дела од Ерик Сати, Едвард Григ и Антонин Дворжак, а долги аплаузи измамија со интерпретацијата на дело од македонскиот композитор Дамјан Темков, за што беа вратени на бис.
Концертот го отвори директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, а истиот е реализиран во партнерска соработка помеѓу нашиот КИЦ и Културниот центар на град Белград.

Проектот за гостување на проф. Ана Гацева и проф. Татјана Џорлева во Белград е поддржан од Министерството за култура и туризам.

