Култура
Томислав Османли добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“

Творечки плодниот прозаист, есеист и признат и ценет книжевен критичар Томислав Османли за книгата „Дваесет и првиот“ ја доби наградата „Роман на годината“ за 2009 г. што ја традиционално ја доделува дневниот весник „Утрински весник“
„’Дваесет и првиот’ е роман што се обидов да го напишам читајќи го животот. Романот е обид да го дефинирам ова чудно наеднаш извртено столетие кое што од едно спокојна доба се изврти во својата спротивност и стана доба на неизвесности судури кои што се закануваат да добијат многу сериозни планетарни димензии“, рече Томислав Османли за својот роман по добивањето на наградата.Ликовите во романот кој го пишувал активно една ипол година рече дека се реални и фиктивни, кои подлежат на многу пресврти.„Романот е остварен како панорама на ликови и судбини кои судбински се пресретнуваат на некоја од рамништата на едновремената стварност. Секој од овие ликови е реализиран во посебноста на неговиот говор“, рече Јагода Михајловска-Георгиева претседател на жири-комисијата за доделување на наградата.На Османли му беше доделена статуетка, плакета и парична награда од 150 илјади денари.Главениот и одговорен уредник на „Утрински весник“, Љупчо Поповски на свечената манифестација која се одржа во хотелот „Александар палас“ истакна дека оваа награда е светилник на уметничката слобода.Награда „Роман на годината“ досега имаат добиено авторите Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Јагода Михајловска-Георгиева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак со емотивно видео: „Ја обожавав“

Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак. Тој објави видео на Фејсбук во кое ја опиша Габи не само како голем уметник, туку и како свој долгогодишен пријател чие заминување му донесе голема тага.
„Кога Матија си замина, сите ние, нејзините блиски пријатели, се плашевме дали тоа срце ќе издржи. Не издржа. Габи Новак беше пред сè една од најбожествените пејачки. Зад тоа, по што ја паметиме – таа беше вистински пријателка на многу луѓе. Ја обожавав. Имав чест да бидам со неа и со целото фантастично семејство толку многу години. Таа беше исто така некако тивка, скромна, мудра“, рече тој.
„Не знам што друго да кажам освен тоа, освен огромна тага и жал што си замина. И покрај тоа, остана нешто што сите ќе го паметиме. Освен што не беше сама. Тоа беа Габи и Арсен и Арсен и Габи, двајцата што нè шармираа сите со својата харизма“, додаде тој.
Габи Новак почина на 11 август 2025 година на 90-годишна возраст. Нејзината кариера траеше речиси шест децении, а вклучуваше поп, шансона, џез, преработки и соработки со бројни музичари. Особено е значајна нејзината уметничка и животна врска со Арсен Дедиќ, со кого создаде уникатен музички опус исполнет со поезија, емоции и препознатлив звук.
Меѓу нејзините најпознати интерпретации се „Се сеќавам само на среќни денови“, „Вино и гитари“, „Долга, долга ноќ е“ и „Дозволете ми да спијам“. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и „Порина“ за нејзиниот посебен придонес во хрватската музика.
Култура
Драмскиот театар – Скопје со премиера на копродукциската претстава „Плејбои…“ на 39. фестивал „Град театар“ – Будва

Синоќа, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, Црна Гора, се играше премиера на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.
Во програмската белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“
На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Од 2012 до 2016 година тој работи како драматург во бројни претстави во различни хрватски театри. Од 2014 година редовно ги режира своите текстови. Пресвртница во неговата кариера во 2021 година е наградената претстава „Знаеш ти кој сум јас“, во продукција на ХНК Загреб. Сите негови проекти се примени со воодушевување кај стручната и пошироката јавност и се играат на реномирани фестивали во земјата и странство. Иван Пеновиќ е директор на Драмата во ХНК Сплит .
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на годинешниот 39. фестивал „Град театар“ Будва ќе биде изведена и вечерва и утре, на 12 и 13 август со почеток во 21 часот на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.
Непосредно по премиерата и двете изведби во Будва, македонската публика ја има можноста копродукциската претставата да ја гледа во недела на 17 август во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата ќе се игра во 21 часот на „Долни Сарај“.
Култура
(Фото) Многубројната публика на Охридско лето пулсира во духот на афробит-ритамот

Сцената „Долни Сарај“ вчеравечер беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“ кој го одржаа Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80). Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
– Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика бидејќи се нови аранжмани коишто ги работевме со Шеон за овој проект, така што, ова е премиерна изведба. Имаше композиции кои никогаш досега не беа изведени, премиерни се, и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека можеби афробит музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт на кој луѓето можат да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови кои повикуваат на љубов, слобода, на револуцуја, на спас за духот, вели диригентот Џијан Емин.
Целата музика што беше претставена вчеравечер, според него, е базирана на танц.
-Мене лично, ме привлекува африканската музика, и ретко се случува да имаме вакви настани. Овој концерт е прва соработка на Националниот џез оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија сум работел со неговиот постар брат Феми Кути со кого одржавме концерт во Градски парк во Скопје, но и еден концерт во Белград пред 25-илјадна публика, појаснува Емин.
Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.